Кога Fleetwood Mac го снимале Rumours во 1976 година, бендот бил во состојба што повеќе отсликувала емоционален распад отколку на мирна студиска работа. Стиви Никс и Линдзи Бакингем минувале низ тежок прекин, Кристин и Џон Мекви се разведувале, а и Мик Флитвуд се соочувал со сопствени брачни проблеми. Наместо тие кризи да донесат распад на бендот, токму од нив настанал албум што и денес важи за еден од највлијателните и најпродавани во историјата на поп и рок музиката.
Rumours беше објавен на 4 февруари 1977 година и брзо прерасна во глобален феномен. Албумот стигна до врвот на топ-листите, подоцна освои и Греми награда за албум на годината, а низ децениите продолжи да живее како ретко кое издание од своето време. Денес се проценува дека има продадено повеќе од 40 милиони копии ширум светот, што го прави еден од најпродаваните албуми на сите времиња.
Но успехот на Rumours не лежи само во бројките. Неговата сила е во тоа што звучи како интимен дневник претворен во музика. Песни како Go Your Own Way, Dreams, Don’t Stop и The Chain не се само хитови, туку и директни траги од односите што се распаѓале додека бендот снимал. Токму затоа албумот и денес делува живо, затоа што зад совршената продукција стојат вистински конфликти, навредено его, дистанца и обиди за преживување.
Снимањето не било лесно. Дел од сесиите се одвивале во атмосфера на меѓусебна напнатост, а членовите на бендот понекогаш работеле и одделно за да избегнат нови судири. Сепак, токму таа тешка динамика помогнала емоциите да се прелеат во песните. Наместо да ја сокријат личната драма, Fleetwood Mac ја претвориле во звук што останал препознатлив речиси половина век.
Наследството на Rumours не запира во 1977 година. Албумот и натаму е присутен на листите, повторно добива млада публика и останува референтна точка кога се зборува за музика што успеала од хаос да создаде трајна вредност. Во САД е сертифициран со 21-кратен платинест тираж, а во Обединетото Кралство официјално беше прогласен и за најпродаван винил на 21 век меѓу албумите првично објавени меѓу 1970 и 1999 година.
Можеби токму затоа Rumours и денес не звучи како стар албум, туку како потсетник дека најголемата музика често настанува тогаш кога луѓето не успеваат да си ги средат животите, но успеваат да ги претворат во нешто што ќе ги надживее