Фламингата ловат со мини-вртлози: ново истражување открива изненадувачка техника

Научниците открија дека грижливите розови птици се многу поголеми предатори отколку што се претпоставува.

Иако изгледаат мирно и грациозно, фламингата се покажаа како многу поумешни предатори отколку што се претпоставуваше. Ново истражување открива дека овие розови птици ловат создавајќи мини-вртлози под водата, со кои го збунуваат пленот пред да го усмртат со својот специфичен, закривен клун.

Фламингата се познати по своето розово перје, чија боја потекнува од исхраната богата со алги и мали ракови. Живеат во големи колонии, се сметаат за социјални птици и често формираат силни групни врски. Но под површината на водата, нивниот свет е далеку подинамичен од она што се гледа однадвор.

Научниците забележале дека фламингата го потопуваат долгиот клун под вода, движејќи го по дното додека стојат во плитки делови. Притоа создаваат мали водени вртлози кои го зашеметуваат ситниот плен (најчесто ракови и микроскопски животни) кој потоа директно завршува во нивните усти.

Истражувањето, спроведено на Универзитетот Беркли во Калифорнија, комбинирало набљудувања на фламингата во Зоолошката градина во Нешвил и анализа на 3D модели од нивните нозе и клунови. Професорот Ортега Хименез, биолог и коавтор на студијата, објаснува дека овие птици користат комплексна координација помеѓу нозете, главата и клунoт за да ја зголемат ефикасноста при хранењето.

Истражувачите откриле дека фламингата со нозете го подигаат талогот и го насочуваат пленот кон водениот вртлог што се движи нагоре. Во тој момент, со брз трзај на главата, птицата го усисува пленот. Целиот процес се одвива додека главата ѝ е свртена надолу – буквално поставена наопаку.

Фламингата поседуваат и уникатен, сплескан клун, закривен во предниот дел, така што кога главата е наопаку, клунoт лежи паралелно со дното. Заедно со нивниот долг врат во форма на буквата S, овој морфолошки склоп им овозможува да го филтрираат пленот со голема прецизност.

Новите сознанија покажуваат дека зад впечатливиот изглед на фламингата стои сложен и ефикасен ловечки механизам – уште една потврда дека природата крие изненадувачки стратегии дури и кај оние животни што изгледаат најнежно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни