Фудбалскиот клуб „Брегалница“ – Делчево ги донираше средствата од натпреварот со „Хоризонт“ за семејства на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од клубот изразија благодарност до сите кои придонесоа за хуманиот гест.
„Скромно, но, од срце – фудбалско Делчево со купени преку 500 карти, успеа да собере средства и да донира за семејствата на настраданите од Кочани. Благодарност на сите кои дојдоа на натпреварот и на сите кои купија повеќе карти и со тоа, придонесоа овој хуманитарен натпревар да ја оправда целта“, истакнаа од клубот од Делчево.
Собраните средства во текот на денешниот ден биле префрлени на сметка наменета за семејствата на настраданите од несреќата.
Беше апелирано до сите општествено-одговорни фирми, во рамки на можностите, да продолжат со поддршка на семејствата на загинатите во несреќата, на кои истата им е повеќе од потребна.