„ФИЈУК саем“ во петок во библиотеката Св.Климент Охридски

Партизанска штампа, Гола Планина Колектив и БОШ во петок на 23 август организраат уште еден „ФИЈУК саем“ во библиотеката Св.Климент Охридски.


„ФИЈУК е еден. Сè друго е матно. Жешко. И тегобно.Елајте да се сокриеме во Универзитетската Библиотека Св. Климент Охридски за да си ја откриеме снагата помеѓу книгите, буквите и колажите“ порачуваат организаторите 

„ФИЈУК“ ќе се отвори во 17 часот со работилница за колажи. Рекордна бројка од 30 излагачи на независни изданија: книги, постери, графики, фотографии, принтови, копии, цртежи… Во 19 часот ќе има отворање на изложба и промоција на арт книга во сито печат „НЕНАСИТНИ“ со винил сет на Владимир Муратовски – Диво, а вечерта ќе заврши со музички колаж на Јоана и Стражарот кој почнува во 21 часот.

Излагачи се Партизанска штампа, Арт Еквилибриум, Гола Планина, Матријаршија, Sharla Records, Аксиома, Катран Комикс, Green Hill Records, Longest Night, Shock Troopers, Издавачка куќа „Илика“, Спознавање, Made of spit, Korn, Тома Димовски, Лусиана Ампева, Марта Патлиџанковска, Тања Вукобрат, Наташа Гелева, Јулија Ојден, Стефан Алијевиќ, Сали Ертунч, Ана Димитриевска, Јелена Белиќ, Јован Гаковски, Дона Илијевска, Матеј Богдановски, Владимир Муратовски.

„Изложбата НЕНАСИТНИ, која ни доаѓа во Скопје после Белград (Улична Галерија, мај 2024), а пред да замине за Загреб (Охохо фестивал, септември 2024), е резултат на една несекојдневна соработка која обедини повеќемина пријатели, познаници па и анонимци, во посветен процес на сецкање, лепење и монтирање на улични плакати. Во придружба на шумливите звуци на внимателно селектираните плочи на еден од најдобрите македонски диџеи, музикофили и композитори Владимир Муратовски Диво, секој вторник, „за озбилно“ се фаќавме за ножиците и ремиксувавме сè што можеме да бидеме, а не сме.  Кој у трн, кој у глог. Сите терсене, ние наопаку. Она што требаше да биде една работилница за ремиксување на стварноста во рамки на фестивалот Омнибустопија – се претвори во феномен – преку 30 колажирани плакати и уметникова книга во сито печат како еден сублимат на целиот процес. Сакавме уште повеќе. Денес сакаме можеби малку помалку, но крајот на летото е повеќе за плачење отколку за сакање, а пошто не сме плачковци ќе го повикуваме дождот со ѕвечкањето на ножиците, да дојде да донесе подобри времиња “ велат организаторите. 

Гуратори се Јана Деловска, Дамјан Илиќ, Билјана Димитрова, Стефан Алијевиќ, Јован Гаковски, Јоана Ристеска, Јелена Белиќ, Владимир Муратовски, Симона Манчева, Ѓорѓи Јаневски, Милош Стојановиќ, Гого од иднината, Душан Стефановски, Ива Станковска, Александра Зографска, Мила Добревска, Иво Мјаумјау (Ќошо), Ѓорѓи Митревски, Ангела Маневска, Лаура Жилет, Вера Роос. 

Најново

Последни колумни