Физички лица од странство повеќе нема да можат да регистрираат .mk домен, откако МАРНет неодамна го промени Правилникот за организацијата и управувањето со врвните национални интернет домени.
Ваквата новина доаѓа со промена на член во Правилникот каде регистрацијата на .mk домен сега се ограничува на сите физички и правни лица само со живеалиште или престојувалиште во Македонија. Во меѓувреме, за регистрација на .mk домен, странските правни лица треба да бидат идентификувани преку регистар од својата држава.
Новите .mk домени, исто така, сега ќе мора да се состојат од најмалку два знаци, наместо само еден како досега. Единствен исклучок е во случај на заштитена трговска марка, заштитен жиг, име или бренд.
Промените во Правилникот доаѓаат по 10 години, односно откако тој е донесен во 2014 година, објаснува претседателот на Управниот одбор на МАРНет Иван Чорбев за Радио МОФ.
„Соочувајќи со се почести предизвици кои бараат внимателно, но и брзо реагирање за да се надминат, како и брзите и чести промени во интернет просторот, се наметна потребата од донесување на нов Правилник. Со него ќе биде допрецизирана и доуредена пред се’ постапката за регистрација на домени особено од аспект на сајбер безбедност, а се во насока на намалување на можноста на се почестата злоупотреба на регистрираните имиња на домени како и намалување на можноста за регистрација на малициозни национални интернет домени“, посочува Чорбев.
Со новиот Правилник, тој истакнува дека е исклучена можноста имагинарни, односно непостоечки лица да бидат регистранти на Интернет домен во земјава. Во случај на злоупотреба на регистриран интернет домен, вели дека ќе има реално лице кое би можело да се повика на одговорност за евентуални злоупотреби, што до сега не било случај со одредбите од стариот Правилник.