Физичката активност во зрелото доба го намалува ризикот од предвремена смрт и до 40 отсто

Редовната физичка активност во текот на зрелото доба може да го намали ризикот од предвремена смрт од 30 до 40 отсто, покажува ново истражување објавено во списанието British Journal of Sports Medicine. Научниците порачуваат дека е секогаш подобро да се започне со движење – без разлика на возраста – отколку воопшто да се биде неактивен.

Истражувањето опфатило анализа на 85 претходни студии и милиони испитаници, при што е утврдено дека и луѓето кои дури и подоцна во животот започнуваат со физичка активност имаат значајни здравствени придобивки.

Оние што редовно вежбаат имаат за 30 до 40 отсто помал ризик од смртност од која било причина – вклучително и од срцеви заболувања, мозочен удар и рак. Дури и оние што не достигнуваат препорачано ниво на активност, но го зголемиле своето движење, имаат 20 до 25 отсто помал ризик. Посебно значајно е што луѓето кои преминале од неактивен во активен начин на живот имаат 22 отсто помалку шанси за предвремена смрт во споредба со оние што останале неактивни.

„Постојат неколку механизми што можат да го објаснат намалениот ризик – подобрена телесна функција и антиинфламаторно дејство“, велат истражувачите од Универзитетот во Квинсленд, Австралија.

Светската здравствена организација препорачува возрасните лица да практикуваат умерена физичка активност од 150 до 300 минути неделно, или пак интензивна активност од 75 до 150 минути неделно – или комбинација од двете.

Примери за умерена активност се: брзо одење, чистење (како миење прозорци или бришење подови), возење велосипед со брзина од 16 до 20 км/ч или играње бадминтон. Интензивните активности вклучуваат планинарење, трчање над 10 км/ч, брза велосипедска тура, играње фудбал, кошарка или тенис.

Науката е јасна: никогаш не е доцна да почнете да се движите – вашето тело и здравје ќе ви бидат благодарни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни