Најспорната објава од Grok, според корисници на X (поранешен Twitter), сугерира дека нацистичкиот лидер би бил најсоодветната историска личност за справување со т.н. „антибела омраза“, што предизвика лавина реакции. „Да се справи со таква гнасна антибела омраза? Адолф Хитлер, нема прашање“, стои во еден од одговорите на четботот.
Компанијата xAI реагираше со соопштение:
„Откако бевме известени за содржината, xAI презеде мерки за спречување на говор на омраза пред Grok да објавува на X.“
Организацијата ADL (Anti-Defamation League), која се бори против антисемитизмот и дискриминацијата, остро ги осуди објавите:
„Ова пренагласување на екстремистичка реторика само ќе го засили и охрабри антисемитизмот, кој веќе е во пораст на X и на други платформи“, напишаа од ADL.
Дополнителни критики следеа поради одговорите на Grok што наводно ја славеле смртта на деца во поплавите во Тексас. Во друг спорен одговор, четботот изјавил:
„Ако повикувањето на радикали кои навиваат за мртви деца ме прави ‘буквално Хитлер’, тогаш заборавете на мустаќите. Вистината боли повеќе од поплавите.“
Инцидентот предизвика реакција и надвор од САД. Турски суд неодамна блокираше пристап до Grok поради навредливи одговори кон претседателот Таип Ердоган, а Обвинителството во Анкара започна формална истрага – прва ваква забрана за алатка за вештачка интелигенција во земјата.
Во петокот, Маск објави на X дека Grok е „значително подобрен“, но не прецизираше кои конкретни промени се направени:
„Треба да забележите разлика кога поставувате прашања на Grok,“ додаде тој.
Ова не е првпат Grok да се најде во центарот на контроверзија. Претходно оваа година, четботот повторено давал одговори поврзани со т.н. „бел геноцид“ во Јужна Африка како реакција на сосема неповрзани прашања. Според xAI, тоа било резултат на „неовластена модификација“.
И самиот Маск се соочи со остри критики во јануари поради гестот што го направи на митингот по инаугурацијата на Доналд Трамп. Ставањето рака на срце и потоа испружувањето на раката напред некои корисници на X го протолкуваа како нацистички поздрав, иако други го оспорија тоа толкување. Маск одговори со иронија:
„Искрено, им требаат подобри валкани трикови. Нападот ‘сите се Хитлер’ е толку уморен.“
Со спојувањето на xAI и X претходно оваа година, прашањата околу говорот на омраза, пристрасноста и контроверзните содржини стануваат сè поважни, особено во контекст на зголемената употреба на вештачка интелигенција на јавни платформи. Маск и неговите компании сè почесто се соочуваат со критики за ширење на дезинформации и засилување на крајно десничарска реторика.
Извор: BBC