Финска деветта година по ред најсреќна земја во светот

Финска и во 2026 година е најсреќна земја во светот, покажува новиот извештај. Погледнете ја целосната листа и позицијата на земјите од регионот.

Финска повторно е прогласена за најсреќна земја во светот, деветта година по ред, според најновиот Светски извештај за среќа. Веднаш зад неа се Исланд и Данска, додека нордиските држави и оваа година доминираат на врвот на листата. Особено изненадување претставува Костарика, која се искачи на четвртото место – највисок пласман за една латиноамериканска земја досега.

Меѓу десетте најсреќни земји во 2026 година се и Шведска, Норвешка, Холандија, Израел, Луксембург и Швајцарија. Големите англискоговорни држави повторно не се меѓу првите десет, при што САД се наоѓаат на 23. место, Канада на 25., а Обединетото Кралство на 29. позиција.

Во регионот, Србија е најдобро рангирана со 30. место, Косово е високо на 16., Босна и Херцеговина е на 37., Црна Гора на 60., додека Хрватска се наоѓа на 70. место.

Рангирањето се базира на глобална анкета во која граѓаните од 147 земји го оценуваат својот живот на скала од 0 до 10. Истражувачите ги анализираат и факторите како економската состојба, очекуваниот животен век, чувството на слобода, нивото на корупција и подготвеноста за меѓусебна помош.

Успехот на Финска се поврзува со силното чувство на заедништво и доверба во општеството. Според експертите, токму способноста за соработка и солидарност во тешки моменти е клучна за високото ниво на задоволство кај граѓаните.

Извештајот укажува и на загрижувачки тренд – пад на среќата кај младите, особено во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд. Во последната деценија нивното задоволство од животот значително опаднало, а како една од причините се наведува прекумерната употреба на социјалните мрежи.

Иако интернетот е широко распространет, експертите посочуваат дека клучна е рамнотежата. Умереното користење може да биде корисно, но прекумерната изложеност негативно влијае врз менталната состојба и благосостојбата.

На дното на листата повторно е Авганистан, следен од Сиера Леоне, Малави, Зимбабве и Боцвана. Земјите погодени од конфликти и сиромаштија и понатаму имаат најниско ниво на среќа.

И покрај предизвиците, истражувањето носи и позитивна порака – довербата, добрината и чувството на заедништво остануваат клучни фактори за среќен живот, без разлика на економската моќ на една земја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни