ФИНКИ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје на 24 и 25 март организира дводневна програма за дигитална пристапност во рамки на проектот WebEmpower. Настаните вклучуваат работилници за ИТ професионалци и претставници на организации на лица со попреченост, како и меѓународна тркалезна маса со експерти од Белгија, Словенија и Македонија.
Работилниците се наменети за администратори и организации на лица со попреченост
На 24 март ќе се одржат тематски работилници наменети за администратори на веб-страници, ИТ професионалци и претставници на организации на лица со попреченост. Целта е практична работа на темата на дигитална пристапност, со фокус на тоа дигиталните услуги да бидат употребливи за сите граѓани, вклучително и повозрасните корисници.
Меѓународна тркалезна маса со експерти од три земји
Централниот настан е закажан за 25 март: меѓународна тркалезна маса за дигитална пристапност со учество на експерти од Белгија, Словенија и Северна Македонија. Настанот има за цел да ја поттикне националната дискусија за усогласување на веб-услугите со стандардите за инклузивен дигитален развој.
Проектот го финансира Словенија, го поддржува македонското Министерство за дигитална трансформација
WebEmpower е поддржан од Министерството за дигитална трансформација на Република Северна Македонија, а финансиран од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија во рамки на програмата Slovenia Aid & Partnerships. Двата настани ќе се одржат во просториите на ФИНКИ во Скопје.