Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 24 и 25 март ќе биде домаќин на дводневна програма посветена на дигиталната пристапност и инклузивниот дигитален развој, која се организира во рамки на проектот WebEmpower.
Иницијативата има за цел да ја вклучи Северна Македонија во пошироката европска дискусија за пристапни дигитални услуги – тема што станува сѐ поважна во време кога јавната администрација, образованието и секојдневната комуникација сè повеќе се префрлаат во дигиталниот простор.
Обезбедувањето веб-страници и дигитални платформи што се достапни за сите граѓани, вклучително и за лицата со попреченост и повозрасните корисници, се смета за клучен дел од современата дигитална трансформација.
Програмата ќе започне на 24 март со тематски работилници наменети за администратори на веб-страници во јавниот сектор, ИКТ професионалци, програмери и дизајнери, како и претставници на организации на лица со попреченост. Целта е да се понудат практични насоки за создавање и одржување пристапни дигитални средини.
Кулминацијата на програмата ќе биде Меѓународната тркалезна маса за дигитална пристапност на 25 март, на која ќе учествуваат регионални и европски експерти.
Меѓу говорниците се Барт Симонс од Белгија, претставник на организацијата Anysurfer, позната по националниот систем за сертификација на веб-пристапност, како и Антун Смердел од Словенија, евалуатор за дигитална пристапност и застапник за слепи и слабовидни корисници.
Во дискусијата ќе учествуваат и проф. д-р Сашо Граматиков од ФИНКИ, раководител на проектот WebEmpower во Македонија, како и професори и студенти кои активно работат на евалуација на пристапноста на веб-страниците.
Тркалезната маса ќе ја модерира Маша Маловрх, експерт за дигитална пристапност од секторот за пристапност при Beletrina од Словенија.
Проектот WebEmpower се реализира од ФИНКИ во партнерство со Beletrina од Словенија и има за цел да ги зајакне националните капацитети за дигитална пристапност преку образование, истражување и практична анализа на веб-страниците на јавниот сектор.
Проектот е поддржан од Министерството за дигитална трансформација на Северна Македонија, а финансиски е поддржан од Центарот за меѓународна соработка и развој на Република Словенија во рамки на програмата Slovenia Aid & Partnerships.
Сите настани ќе се одржат во просториите на ФИНКИ во Скопје.