Европската унија забрзано планира да инвестира милијарди евра во изградба на „ѕид од дронови“, користејќи проверени украински технологии, откако руски дронови го нарушија воздушниот простор на НАТО.
Инцидентите со руски дронови кои навлегоа во полскиот и романскиот воздушен простор повторно ја истакнаа зависноста на НАТО од скапи системи за пресретнување во борба против релативно евтини дронови – слабост што Русија би можела да ја користи и понатаму.
Фон дер Лајен повика на изградба на „ѕид“
Според Financial Times, Европската комисија ги повикала главните градови на земјите-членки да искористат средства од ЕУ за заедничка набавка на системи што веќе се покажале како ефикасни во Украина.
На 15 септември, само неколку часа по обидите на НАТО авионите да пресретнат околу 19 дронови што го нарушиле полскиот воздушен простор, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Европа мора да изгради „ѕид од дронови“ на источната граница.
„Овој ѕид ќе биде европска способност – развиена, распоредена и одржувана заеднички – за да може да реагира во реално време“, рече таа.
Сојуз за дронови со Украина
Фон дер Лајен најави и „сојуз за дронови“ со Киев, кој ќе добие поддршка од 6 милијарди евра, со цел „украинската иновативност да се претвори во предност на бојното поле и заедничка индустријализација“.
Во меѓувреме, Полска, балтичките земји и Финска веќе објавија планови за зајакнување на своите граници. Но, европски функционери предупредуваат дека таквите напори ќе бидат ефикасни само ако се координирани и се базираат на интегрирани технологии.
„Европската одбранбена политика е премногу фрагментирана,“ изјавил еден официјален претставник за FT. „Ова е област каде што мора да има повеќе координација. Не можете една земја да гради нешто на својата граница, а друга сосема нешто друго.“
Истоочна стража – НАТО иницијатива
Како одговор на постојните предизвици, НАТО ја лансираше мисијата за воздушна одбрана наречена Истоочна стража, која опфаќа распоредување борбени авиони, бродови и извидувачки системи долж источниот фронт – од Финска до Бугарија.
Иако Украина се потпира на западни системи за пресретнување на проектили, таа е „пионер“ во исплатливи методи за справување со руски дронови, наведува FT.
Украинскиот министер за одбрана Денис Шмихал неодамна објави дека Обединетото Кралство ќе почне производство на украински пресретнувачки дронови, со план за прва серија од 1000 дронови, кои ќе бидат испорачани на Украина.
Во август, украинското Министерство за одбрана одобри повеќе од 25 модели на украински дронови за воена употреба, што дополнително ја нагласува лидерската позиција на Украина во оваа технологија.