Со „Водни тела“, нејзиниот дебитантски роман, Ана Аврамовска влезе во вториот круг финалисти за книжевна награда за квир и феминизам. Наградата „Штефица Цвек“ е именувана по ликот од романот на Дубравка Угрешиќ, која почина неодамна, насловен „Штефица Цвек во челустите на животот“, која го симболизира женскиот глас во книжевноста и нејзината борба за препознавање, признавање и слобода. Наградата се доделува во Белград од здружението „Побунети читателки“ кое е составено од група на книжевни критичарки.
Авторката на романот „Водни тела“ ја разработува, меѓу другото, човековата поврзаност со природата, улогата на народното творештво, перцепцијата и спомените од минатото и улогата на природните и културните релјефи.
За читателите на Трн, Ана Аврамовска ја сподели нејзината топ 10 листа на наслови од квир и феминистичката книжевност.
„Многу ми е тешко да направам избор. Најверојатно поради тоа што делата кои ги читам и кои ми имаат оставено голем впечаток, скоро секогаш, на некој свој начин, ги допираат овие теми. Исто така, има премногу одлични дела проза и поезија, па е невозможно да се направи избор. Сепак, имам кратка листа на наслови (само прозни дела, поезија не се осмелувам), и тоа без посебен редослед, односно оние кои први ми паднаа на ум. Петар Андоновски – „Лето во кое те нема“,Лана Басташиќ – „Млечни заби“, Румена Бужаровска – „Не одам никаде“, Рејчел Каск – „Второ место“ Били-Реј Белкорт – “Историја на моето кратковремено тело“, Меги Нелсон – „Аргонаутите“, Симон де Бовоар – “Неразделивите”, Џејмс Болдвин – „ Собата на Џовани“, Џуна Барнс – „Ноќна шума“, и Оушн Вуонг – „На земјата сме кратко прекрасни“- ги наброја Ана книгите кои смета дека е добро да ги прочита секој.

Таа се надева на освојување на наградата, исто како и другите македонски автори кои се во финале, Стефан Алиевиќ со зборката раскази „Вечерен автобус“, Ана Голејшка Џикова со поезијата „Слобода А“ и Моника Стојановска со „Има и такви денови“.
Во тек е вториот круг на жирирањето на престижната награда за феминистичка и ангажирана книжевност од регионот. Од првичните 150 номинирани дела од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Хрватска, жирито избра 24 дела кои ќе се борат за место во финалната седморка.
Оваа година, жирито е составено од: Ана Фазекаш, Ања Томленовиќ, Дара Шљукиќ, Мања Величковска и Милица Умелек. Нивниот целосен избор е следен:
Вечерен автобус – Стефан Алиевиќ (збирка раскази, Или-Или)
Реци ватра – Селма Асотиќ (збирка поезија, Raštan – izdavaštvo / Buybook)
Водни тела – Ана Аврамовска (роман, Паблишер)
Ланина школа – Мирна Броѓанац, (илустрирана книга за деца, Naklada Ljevak)
Клара, Клариса – Маријана Чанак (роман, Buybook)
Слобода А – Ана Голејшка Џикова (збирка поезија, ПНВ Публикации)
Злице и вилице – Наташа Говедиќ (збирка поезија, Fraktura)
Мртви на додир – Ана Марија Грбиќ (роман, Geopoetika)
Хулим и потписујем – Радмила Лазиќ (збирка поезија, Vukotić media)
Огледало без мана – Агата Луциќ (книга за деца, Mala zvona)
Мировање – Дуња Матиќ (роман, VBZ)
Легло – Суцана Матиќ (збирка раскази, Fraktura)
Грација од чемпреса – Желимир Периш (збирка раскази, Oceanmore)
Стрипотерапија – Ана Петровиќ (колекција стрипови, Kreativni centar)
Ново Сада – Саша Ивановиќ (роман, Partizanska knjiga)
Љета с Маријом – Оља Савичевиќ Иванчевиќ (роман, Fraktura)
Осветнице – Светлана Слапшак (роман, Laguna)
А хтела сам – Маја Солар (збирка поезија, Enklava)
Има и такви денови – Моника Стојановска (збирка поезија, Полица)
Пси – Дора Шустиќ (роман, Gradska knjižnica Rijeka)
Офелија, баштованка – Николина Тодоровиќ (збирка поезија, Buybook / Zlovo Gorčina)
Тихи рад – Марија Василевиќ (збирка поезија, Treći trg)
Унутрашње море – Даница Вукичевиќ (роман, Nojzac)
До бољег јучер – Емина Жуна (роман, Buybook)

Жирито имаше тешка задача да го прочита и оцени целиот спектар на книжевните жанрови и форми кои се бават со антипатријархалните теми и перспективи. Според една членка на жирито, процесот бил полн со дискусии, спорови, емоции и изненадувања.
„Тешко е во еден потег да се даде осврт на целокупната продукција“ бидејќи заедницата навистина даде сè од себе да ги покрие најразличните дела што спаѓаат во категоријата феминистичка и ангажирана книжевност, но и оние на листата кои не припаѓаат во таа категорија. Најдоброто од антипатријархалната книжевност го откривавме пробивајќи се низ десетиците наслови на романи, збирки раскази, поезија, драмска книжевност, книжевност за деца и млади…”- велат од жирито.
Оттаму дополнуваат дека – „Како примерок од целокупната книжевност во регионот, изборот Штефица Цвек докажува дека постои сериозен интерес за ангажирани теми и модуси на пишување, особено помеѓу младите автори и авторки, и тоа во сите книжевни родови и видови. На жирито во вториот круг го препуштивме изборот помеѓу делата кои нам најсилно ни оставија впечаток како дела кои активно ја промислуваат општествената условеност, заземаат став и отвораат перспектива кон светот каков што сакаме да го градиме, наспроти родовите, расните, класните и други дискриминаторски практики кои на многумина им го прават животот невозможен. Веруваме дека за секоја од овие книги вреди да се разговара“.
Прогласувањето на финалната селекција „Штефица Цвек“ ќе се одржи на 16 јуни во рамки на програмата на фестивалот „Крокодил“.