Друштво на писателите на Македонија ја информира јавноста дека анонимните жири-комисии го завршија изборот на делата што влегуваат во финалниот круг за петте традиционални годишни награди за 2025 година.
За наградата „Стале Попов“, која се доделува за најдобро прозно дело објавено во 2025 година, конкурираа 17 книги. По полуфиналниот избор од осум дела, а поради израмнет број бодови за третото место, Управниот одбор на ДПМ одлучи во финалниот круг да влезат четири наслови: „Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски (изд. „Чудна шума“), „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска (изд. „Арс Ламина“), „Арагон“ од Михајло Свидерски (изд. „Антолог“) и
„Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска (изд. „Арс Ламина“).
Во конкуренцијата за наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка, од вкупно 16 пријавени дела и осум полуфиналисти, во финалето се пласираа три книги: „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски (изд. „Арс Ламина“), „Чувари на малите нешта“ од Ана Пејчинова (изд. „Или-или“) и „Вообразби (лирски етиди од некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски (изд. „Макавеј“).
За наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади, од 13 пријавени наслови и седум полуфиналисти, во финалниот избор влегоа: „Тринаесеттиот“ од Лидија Димковска (изд. „ТРИ“), „Илина и тајните на Бабин заб“ од Хана Корнети (изд. „Или-или“) и „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски (изд. „Арс Ламина“).
Во конкуренцијата за наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика, пријавени се четири дела, кои воедно се и финалисти: „Филмско око“ од Игор Анѓелков (изд. „Или-или“), „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова-Чепишевска (изд. „Матица“), „Враќањето на Орфеј“ од Сузана В. Спасовска (изд. „Полица“) и „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева (изд. „Сивејан“).
За наградата „Мост“, која се доделува за книга објавена на еден од јазиците што ги зборуваат заедниците во Македонија, годинава се пријавени три дела: “Embsuame Paskajore” („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани (изд. „Академска мисла“), “Pronicanje tišine” („Проникнување на тишината“) од Љерка Тот Наумова (изд. „Академска мисла“) и “Atdheu: burrë pa grua” („Татковината: маж без жена“) од Каљош Челику (изд. „Сојуз на писатели Албанци на Македонија“).
Во наредните денови жири-комисиите ќе ги одржат завршните состаноци, по што ќе бидат избрани добитниците на наградите. Имињата на наградените автори ќе бидат соопштени на прес-конференција на 10 февруари, додека свеченото врачување ќе се одржи на 13 февруари 2026 година, кога Друштвото на писателите на Македонија ќе одбележи 79 години од своето постоење.
