Филозофски Филмски Фестивал: Дијалог меѓу филозофијата и филмот

Што сè може да ни каже филмот ако го гледаме со филозофски очи? Филозофскиот филмски фестивал е тука да понуди нови перспективи, дијалогот помеѓу филмот и мислата.

Градот повторно станува сцена на длабок интелектуален дијалог помеѓу филмот и филозофијата. Почнува 15-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал, единствен културен настан кој ја спојува уметноста на филмот со длабочината на филозофската мисла. Оваа година фестивалот носи богата програма: долгометражни и кратки филмови, дебати, работилници и гостувања на филозофи и режисери од целиот свет. Тоа е платформа за критичко размислување, инспирација и креативна размена.

Ако филозофите беа режисери…

Во интервјуто за Трн, Андреј Медиќ Лазаревски, координатор на фестивалот, размислува кој филозоф би снимил најинтересен филм па вели:

-Шопенхауер би направил долг три-четиричасовен филм што баш би нè исцрпил. А Сократ – филм кој не би бил снимен, но кој би бил многу зборуван.

Програмскиот директор Ѓорѓи Пулевски додава: „Серен Кјеркегор би снимил интензивна егзистенцијална драма каде што протагонистот би бил втурнат во центрифугата на егзистенцијалната тегобност, неговата одговорност и парадоксалната смисла на верата.“

Ѓорѓи Пулевски

На прашањето што би рекол Платон ако го гледа „Матрикс“, Ѓорѓи вели:

-Веројатно би бил амбивалентен. Ќе му се допадне адаптацијата на неговите идеи, но од друга страна, Нео е многу физички спремен, многу се тепа, а Платон сака комплетативен дијалог за да се стигне до вистината.

Естетика или етика – што е поважно за добар филм?

„И двете се важни, бидејќи покрај визуелното, клучна е и филозофската или етичката порака,“ истакнува Медиќ Лазаревски. Пулевски нагласува дека предизвикот на секој фестивал е да ја достигне и естетската величина и етичната длабочина – тие се неразделно поврзани.

Ги прашавме двајцата, ако Филозофскиот филмски фестивал беше филм – кој жанр ќе беше?

Според координаторот, организациски гледано, фестивалот би бил „најбрзиот и најмачниот трилер.“ Од друга страна, Пулевски го гледа како документарно-есеистички филм со бавни монотони кадри, минималистичка музика и глас на филозоф кој се појавува како сениште и бега.

Од најинтересните моменти на фестивалот, Ѓорѓи го издвојува искуството со Кристоф Зануси.

-Пред две години, кога го имавме Кристоф Зануси, веројатно најголемото име на фестивалот досега. Јас го чекав во шорцеви, а тој пристигна со шешир, костум, шал… само ми рече: ‘Знам дека е филозофски фестивал, но си можел да облечеш панталони.

Андреј Медиќ Лазаревски,

Филозофија за деца – преку филм

Според Пулевски, „Црвениот балон“ од 1958 би бил идеален краток филм за филозофска метафора – за пријателството, чудата и реалитетот. Долгиот филм би бил „Каде е домот на мојот другар“ од Абас Киростами, кој низ очите на дете ја прикажува моралната интуиција, чесноста и совеста.

Медиќ Лазаревски додава: „„Инсајд Аут“ од Дизни е совршен за фаќање базични филозофски концепти – емоции, етика.“

Што сè може да ни каже филмот ако го гледаме со филозофски очи? Филозофскиот филмски фестивал е тука да понуди нови перспективи, дијалогот помеѓу филмот и мислата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни