Филмски магии покрај Дрим: Drim Short Film Festival 2025 го слави визуелното раскажување со Флориан Хофмајстер

Годинава Drim Short Film Festival со особена чест го најави Флориан Хофмајстер – еден од највлијателните кинематографи на денешницата – како специјален гостин. Добитник на BAFTA и Primetime Emmy за Great Expectations, номиниран за Оскар за TÁR, Хофмајстер е име што го обележува современото филмско и ТВ раскажување.

Во срцето на Струга, покрај Дрим, започна деветтото издание на Drim Short Film Festival – културен настан кој од година во година ја позиционира Македонија на интернационалната филмска мапа. Од 7 до 10 август, Паркот на поезијата, Europe House и други локални локации се претворија во сцени каде што кратките филмови, разговорите и музиката се спојуваат во едно искуство на уметност и заедништво.
Годинава фестивалот со особена чест го најави Флориан Хофмајстер – еден од највлијателните кинематографи на денешницата – како специјален гостин. Добитник на BAFTA и Primetime Emmy за Great Expectations, номиниран за Оскар за TÁR, Хофмајстер е име што го обележува современото филмско и ТВ раскажување. Неговата работа на True Detective, The Terror и Pachinko е пример за визуелна поетика и длабочина.

Златка Кувенџиоска, координаторка на фестивалот, вели дека Drim Short е повеќе од културен настан – тој е чувство, заедница, дом, а фестивалот не е важен само за Струга, туку и за целата држава. Со своите интернационални соработки, Drim Short ја реди Македонија на културната карта на Европа.

Златка Кувенџиоска


Оваа година, фестивалот нуди проекции од студентски, национални, регионални и интернационални програми, како и специјална селекција „Соочување со минатото“. Се одржуваат мастер-класи, разговори со автори, вмрежувања и дури и еко-акции во соработка со локални НВО.

Мудрост од мајсторот

Флориан Хофмајстер, добитник на BAFTA и Primetime Emmy и номиниран за Оскар за TÁR, е еден од највлијателните кинематографи на денешницата, чие присуство на Drim Short Film Festival ја потврдува уметничката вредност на настанот. За него, филмот е начин да се опише светот во кој живееме, а токму во помалите места, надвор од големите центри како Лондон или Лос Анџелес, тој гледа поголема искреност и длабочина:

– Кога јас размислувам за филмови или за светот од кој доаѓам, очигледно сме фокусирани на големите центри, како Лондон, Лос Анџелес, Париз, можеби. Но мислам дека филмот за мене е вистински израз или обид да се опише светот во кој живееш. И лично сметам дека во местата надвор од центрите, во помалите места, публиката почесто се изложува на искрен обид да се опише душата или прашањата што се важни за луѓето. И тоа силно го чувствувам тука. Ова е фестивал каде што луѓето навистина доаѓаат затоа што имаат приказна да раскажат, а не производ за продавање – вели тој.

Флориан Хофмајстер

Споделувајќи го својот пат, Хофмајстер нагласува дека успехот е мешавина од среќа и посветеност, но најмногу од трпение

-Среќата не можеш да ја испланираш. Но, на пример, трпението е доблест. Трпение да чекаш и да ја дочекаш шансата, да бидеш доволно трпелив за кога ќе дојде моментот – да го зграпчиш. А потоа, посветеност – целосно да се посветиш на тој момент и потоа да „удриш“. Тоа речиси важи и за уметноста на кинематографијата, во самото снимање- објаснува Флориан.

Работата со легенди како Роуен Аткинсон и Џоди Фостер за него била привилегија – Аткинсон го инспирирал со својата физичка комедија, која бара визуелна прецизност:

-Тој е речиси како Бастер Китон… многу свесен за оддалеченоста меѓу себе и објективот.“ За Фостер, пак, вели: „Кога ќе се појави зад аголот, можеби нема веднаш да ја препознаете… а потоа доаѓа нејзиниот прв крупен кадар и останувате без здив.“

На младите филмаџии им препорачува да се фокусираат на суштината, а не на техниката

-Мојата генерална препорака за млади филмаџии е: заборавете сè за техниката. Не слушајте го јазикот на модерната дигитална ера. Само фокусирајте се на вашите чувства и на содржината. Тоа е сè што ви треба. Останатото доаѓа само по себе- вели тој.

Drim Short Film Festival не е само платформа за филмови – тој е простор каде што приказните добиваат глас, каде што малите градови стануваат големи сцени, и каде што уметноста се враќа на својата суштина: да допре, да поврзе, да инспирира.

Drim Short е доказ дека филмот не мора да се роди во студио за да биде голем. Доволно е да се роди од срце.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни