Филмска рецензија: „Супстанција: Телото како мит, присуството како празнина“

Филмот режиран од француската синеастка Корали Фаржеа, е еден од најзборуваните и најизвиканите на оваа кино-сезона. Со својата впечатлива естетика и провокативна тема, „Супстанција“ го освои вниманието на критиката и публиката, заработувајќи номинации за неколку престижни награди, вклучително и неколку номинации за Оскар. Во рамките на оскаровската ревија, филмот беше прикажан во киното Cineplexx Скопје, каде што го потврди својот статус како едно од највозбудливите кинематографски искуства на годината.

Деми Мур, во главната улога, го носи филмот со изведба што е истовремено суптилна и експресивна. Нејзиното лице, како холограм на емоциите, зборува повеќе отколку кој било дијалог. Таа е телото што е истовремено и присуство и празнина – симбол на модерната изолација и човечката ранливост. Мур, со својата глума, успева да го претвори ликот во нешто што е и архетипско и човечко, создавајќи ретка хармонија меѓу симболизмот и емоционалната длабочина. Покрај неа, Маргарет Квали блеска со својата извонредна актерска трансформација, докажувајќи се како една од најинтересните современи актерки. Со префинета глума, таа внесува деликатна тензија во секоја сцена, негувајќи суптилна, но моќна присутност. Нејзиниот лик е огледало на амбивалентноста на модерниот идентитет – истовремено ранлив а застрашувачки силен и дволичен. Квали совршено се вклопува во стилот на филмот и успева да внесе доза на интимност што го прави уште подиректен.

Режисерката Корали Фаржеа прикажува впечатлив визуелен сензибилитет. Сенките што паѓаат на кожата на актерките, стерилните простории што наликуваат на лавиринти на свеста и интеракциите што изгледаат како прекини во реалноста – секој кадар е внимателно осмислен. Сепак, оваа естетска брилијантност честопати останува без соодветна наративна поддршка. Филмот  иако визуелно впечатлив, се обидува, не секогаш успешно, да го одржи балансот меѓу стилот и суштината.

Сценариото на „Супстанција“ е веројатно најконтроверзниот аспект на филмот. Наместо класична нарација, авторката се одлучува за фрагментарен пристап, со секвенци што треба да делуваат како слики од потсвеста. Овој пристап, иако амбициозен, честопати резултира со нејасна калиграфија на идеите, што може да го отуѓи гледачот. Сепак, филмот успева да постави важни прашања за идентитетот, технологијата и можноста да се контролира сопствената судбина, иако не секогаш успева да ги развие овие идеи на кохерентен начин. Неговата визуелна строгост и стилизираност понекогаш делуваат премногу наметливи, што ја гуши потребната филмска автентичност. Во обидот да создаде силна симболика и визуелна прецизност, на моменти делува како студен експеримент наместо како органско филмско искуство.

Интересно, „Супстанција“ може да се гледа како духовен наследник на култниот музички спот Windowlicker на Aphex Twin, режиран од Крис Канингем. Како и видеото, и овој филм си поигрува со идеите за телото, трансформацијата и границите на перцепцијата, но во проширен, филмски контекст. Дисторзијата на лицата во Windowlicker овде е заменета со перфекционистички измоделирани слики што, наместо да ја продлабочат емотивната врска со публиката, ја создаваат дистанцата на постмодернистичкиот пристап.

Саундтракот на „Супстанција“ е еден од најсилните елементи. Електронските текстури и звуците создаваат атмосфера на немир, надополнувајќи го визуелниот експеримент. Звукот игра активна улога во создавањето на емотивната тензија, повремено дури и повеќе од самиот дијалог. 

„Супстанција“ не е лесен филм, ниту конвенционален. Тој се стреми да го редефинира кинематографскиот јазик, да експериментира со формата и да го тестира трпението на публиката. Иако не е без недостатоци, неговата амбиција и естетиката го прават вреден за секој љубител на артхаус кинематографијата. Деми Мур и Маргарет Квали, со своите извонредни изведби, го претвораат филмот во искуство, внесувајќи длабочина и емоционален набој што остануваат долго по завршувањето на проекцијата.

Дали „Супстанција“ е ремек-дело? Можеби не. Но, дали е филм што предизвикува, што останува во мислите и што вреди да се анализира? Апсолутно. И за некои, тоа е доволно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни