Трилерот за Ватикан Конклава и мјузиклот на францускиот режисер Жак Одјар (Jacques Audiard) Емилија Перез, вчера освоија најмногу номинации за наградата на британската Академија за филмска и телевизиска уметност (БАФТА), чие свечано доделување ќе се одржи на 16 февруари во Лондон.
Конклава, филм на германскиот режисер Едвард Бергер (Edward), доби 12 номинации, а Емилија Перез 11. Остварувањето The Brutalist во кое Адриен Броди (Adrien Brody) игра архитект кој го преживеал Холокаустот, номиниран е во девет категории.
Францускиот филм Емилија Перез, големиот победник на неодамнешната додела на наградите Златен глобус, номиниран е, меѓу другото, во категориите – најдобар филм, најдобар странски филм, најдобра режија и најдобра женска улога, која ја игра Софија Каскон (Sofia Gascon).
Конклава, приказна за борбите за власт при изборот на нов папа, номинирана е меѓу другото во категориите за најдобар филм, најдобра режија и најдобра машка улога, која ја игра Ралф Фајнс.
Наградите БАФТА, како и наградите Американското здружение на продуценти (Producers Guild of America – PGA), Американското здружение на режисери (Directors Guild of America – DGA) и Златен глобус, често се сигурни показатели за тоа кој може да ја освои престижната американска награда Оскар, која оваа година ќе биде доделена на 3 март во Лос Анџелес.
Меѓутоа, пожарите што го зафатија Лос Анџелес ја нарушија програмата на Оскарите, чии што номинации, двапати одложени, ќе бидат соопштени на 23 јануари.
БАФТА беше основана 1947. година како Британска филмска академија. Нејзини основачи биле многу познати филмски уметници, вклучувајќи ги Дејвид Лин, Керол Рид, Александар Корда и Лоренс Оливије. Целта на организацијата била да ја зајакне филмската индустрија која била ослабена по Втората светска војна.
Академијата во 1958. година се споила со организацијата за телевизиски режисери и продуценти (The Guild of Television Producers and Directors), а 1976. година конечно стана БАФТА, Британска академија за филмска и телевизиска уметност.