Филмот „Сите го викаат Реџо“, во режија на Ибер Деари, ја освои наградата за најдобра режија на престижниот Меѓународен фестивал во Тирана (TIFF).
Во образложението на жирито стои дека во уметноста на филмот, режисерот мајсторски ги обединува креаторите и гледачите, водејќи ансамбл актери за да создадат живописни ликови, надополнети со префинета визуелна композиција.

„Во комплексниот жанр на комедијата, неговата острина открива длабочини зад хуморот на секојдневниот живот, стои во образложението на жири комисијата. Со жив дух ја прикажува суштината на едно младо албанско семејство во Северна Македонија, осветлувајќи универзални предизвици кои одекнуваат низ граници, култури и време“, се наведува во образложението.
Се посочува дека „неговиот храбар дебитантски потег ја трансформира комедијата во длабока човечка драма, со суптилна и професионална визија реализирана со извонредна умешност.“
Веста ја објави Македонската амбасада во Тирана, наведувајќи дека филмот е финансиран од Агенцијата за филм и бил дел од натпреварувачката програма во категоријата „Перспектива”.