Филмот „Наши волци“ од Италија го освои признанието за Најдобар еколошки филм

Жирито за наградата Најдобар еколошки филм, составено од четворица членови на Македонското еколошко друштво – Данка Узунова, Наталија Меловска, Сара Крстевска и Александар Павлов, оваа година ја донесе одлуката признанието да му биде доделено на италијанскиот документарен филм „Наши волци“ на Самер Анџелоне.

Во своето образложение, жирито истакна дека филмот на искрен и ангажирачки начин ја прикажува приказната за волкот низ очите на луѓе од различни сфери на животот, создавајќи дијалог меѓу поддржувачите и противниците на овој животински вид. Преку внимателна нарација и разновидни ликови, авторот успева да го прикаже волкот како најчесто погрешно разбраниот месојадец во Европа, нудејќи увид во неговата екологија, меѓувидовите односи и сложениот конфликт со човекот.

Филмот, како што наведуваат членовите на жирито, не е само документарец туку и повик за будење – во време кога европските политики засновани на страв сè повеќе ја потиснуваат потребата за заштита на природата и рамнотежата меѓу човекот и дивината.

„Потребни ни се приказни што ја менуваат перцепцијата за ‘Големиот лош волк’ – а ‘Наши волци’ е извонреден пример за тоа“, стои во образложението на жирито.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни