Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија од денеска ќе се прикажува во киното „Синеплекс“. Дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила по вечерашната премиера, публиката ќе може да го погледне и во киносалите во останатите градови низ Македонија.

– Од колку слоеви и да е изградена приказната, темата е секогаш базична. Секогаш постои мал зрак светлина што не’ води низ најмрачните лавиринти. Никогаш не е доцна да се обидеме да го вратиме светот кој дозволивме да ни се уништи. Станавме експерти во самозалажување, во прикривање на сопственото „обесчовечување“. Основните начела на човечност, морал и етика исчезнуваат. Отстапуваат место на опортунизмот, алчноста и омразата. Оваа состојба на корумпирани убедувања и немилосрдна борба за подобра егзистенција над останатите, ги урна сите идеали – вели режисерот Тозија.

Тој е коавтор на сценариото, со Даријан Пејовски, и го копродуцираше филмот, заедно со Дарко Попов. Филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург.
Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.

Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот копродуцент Les Contes Modernes.
Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020.