ФИЛМАЈ, реномираниот фестивал на краток филм во организација на фото-кино клубот „Козјак“ – Куманово, го отвори конкурсот за своето осмо издание. Од понеделник, 1 декември 2025 година, авторите од земјава и странство можат да ги пријават своите најнови краткометражни остварувања преку платформите FilmFreeway и Festhome.
Конкурсот за 8. издание на ФИЛМАЈ е официјално отворен и ќе трае до 8 март 2026 година. Пријавувањето е наменето за кратки играни филмови со времетраење до 20 минути и завршени по 1 јануари 2024 година. На фестивалот можат да конкурираат и домашни и меѓународни автори, а ФИЛМАЈ, како и секоја година, го задржува акцентот на свежи филмски гласови, посебно од младите автори и новите регионални креативци.
Филмовите ќе се натпреваруваат за неколку значајни награди: „Лазар Ѓорѓевиќ“ за најдобра режија, „Радислав Ристевски“ за најдобра кинематографија, „Козјак“ за најдобро сценарио, како и за главната фестивалска награда – „ФИЛМАЈ“ за најдобар краток филм.
Македонските филмови, покрај националната категорија за најдобар домашен филм, автоматски влегуваат и во меѓународната конкуренција, што им дава можност да се натпреваруваат рамо до рамо со европски и светски автори.
Од фото-кино клубот „Козјак“ најавуваат дека фестивалот и годинава ќе биде придружен со работилници, мастер-класи, гостувања на домашни и странски филмски професионалци, како и главни вечерни проекции. Организаторите ќе ги објавуваат сите новости преку официјалната Фејсбук-страница.
ФИЛМАЈ веќе прераснува во препознаена регионална платформа за промоција на краткиот филм и новите таленти, а осмото издание ветува уште поголема тематска разновидност и уметничка храброст.
