По светската премиера на Берлинале, филмот „17“ на Косара Митиќ продолжува со прикажувања на три значајни фестивали во Европа, Азија и Јужна Америка. Проекциите се закажани во Хонг Конг, Уругвај и Италија во текот на април.
Фестивалскиот живот на долгометражниот игран филм „17“ продолжува со нови меѓународни проекции. Во првата половина од април, филмот ќе биде прикажан на три фестивали со долгогодишна традиција на три различни континенти.
На 8 април, „17“ ќе има премиерни проекции на 50. Интернационален филмски фестивал во Хонг Конг и 44. Интернационален филмски фестивал во Уругвај. Неколку дена подоцна, на 13 април, следува проекција на 39. Филмски фестивал во Болцано, Италија.
Интернационалниот филмски фестивал во Хонг Конг, основан во 1976 година, е најстариот меѓународен фестивал во Азија. Со програма од над 200 филмови од повеќе од 50 земји, тој претставува еден од најзначајните културни настани во регионот. Филмот „17“ е селектиран во главната натпреварувачка програма „Младо кино – светски филм“, насочена кон поддршка на нови автори.
Фестивалот во Уругвај, организиран од Уругвајската кинотека, е најзначајниот филмски настан во земјата. Неговата цел е да поттикне интерес за уметнички филм и аналитичко гледање. „17“ е дел од натпреварувачката програма „Нови режисери“.
Филмскиот фестивал во Болцано е познат по својата селекција на нестереотипни филмски дела, со фокус на приказни за малцинства и општествени теми. Филмот е вклучен во главната натпреварувачка програма, составена од 12 внимателно избрани наслови.
Во „17“ играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Даме Јовески, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Жаклина Стефковска Дрнасин, Оливер Митковски, Ана Стојановска, Сашко Коцев, Александра Пешевска и Симеон Дамевски.
Филмот е копродукција на „Црна Мачка Продукција“ од Северна Македонија, „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар, SEE Cinema Network и CineLink Work in Progress на Сараевскиот филмски фестивал.