Светска премиера на македонскиот филм „17“ вечерва на Берлинале

Дебитантскиот игран филм на Косара Митиќ во официјалната конкуренција „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал

Македонскиот игран филм „17“, долгометражното деби на режисерката Косара Митиќ, вечерва ќе ја има својата светска премиера на 76. Меѓународен филмски фестивал во Берлин. Проекцијата е закажана за 18 февруари 2026 година во киното „Блумакс“ во Берлин со почеток во 19 часот.

Филмот е селектиран во официјалната компетитивна програма „Перспективи“, со што станува прв дебитантски македонски игран филм во последните 26 години што се натпреварува за награда во официјална конкуренција на еден од трите најпрестижни светски филмски фестивали – Берлин, Кан или Венеција.

„17“ ќе конкурира за наградата GWFF Best First Feature Award, воспоставена во 2006 година, наменета за најдобар дебитантски долгометражен филм. Членови на жирито годинава се Софија Алауи, сценаристка и режисерка од Мароко, Фредерик Хамбалек, режисер и сценарист од Германија, и Дорота Лех, директорка на Меѓународниот филмски фестивал „Нови хоризонти“.

Филмот е во продукција на Томи Салковски и „Црна Мачка Продукција“, во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Станува збор за македонско-српско-словенечка копродукција, поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и SEE Cinema Network. Меѓународната продажба ја води француската компанија „Totem Films“.

Во Берлин, филмот ќе го претстават режисерката Косара Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, како и продуцентот Томи Салковски. На премиерата ќе присуствуваат и ко-сценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, продажната агентка Беренис Венсан, како и дел од актерската екипа и филмската екипа.

Поддршка за тимот најавено е и присуството на министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на Агенцијата за филм на РСМ, Сашко Мицевски.

По светската премиера во Берлин, филмот ќе продолжи со фестивалската дистрибуција, а одлуката за наградата за најдобар дебитантски филм ќе ја донесе тричленото жири во рамките на фестивалската програма.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни