„Синеуропа“ за „17“: Храбар, бескомпромисен филм што не нуди удобност

По светската премиера на Берлинале, реномираниот европски портал ја истакна авторската одлучност на Косара Митиќ и интимната камера на Наум Доксевски.

По светската премиера на филмот „17“ на Берлинале, европскиот филмски портал „Синеуропа“ (Cineuropa) објави рецензија во која ја потенцира авторската храброст на режисерката Косара Митиќ и впечатливиот визуелен пристап на кинематограферот Наум Доксевски.

Во освртот, филмот се опишува како одлучен и бескомпромисен во третманот на чувствителна тема од адолесценцијата, без обиди за ублажување или нудење „удобна“ дистанца за гледачот.

Актерска изведба што носи тежина

Посебно внимание во рецензијата ѝ е посветено на актерската изведба на Ева Костиќ во улогата на Сара – 17-годишна девојка што делува како аутсајдер: повлечена, дистанцирана, облечена во широка облека, со отсутен и речиси вкочанет израз.

Според „Синеуропа“, уште од првите сцени гледачот е воведен во околностите што ја довеле до нејзината емоционална отуѓеност. Режијата на Митиќ се опишува како директна и непоколеблива, а филмот како провокативен токму поради својата искреност.

Истовремено, критиката оценува дека пристапот е етички одговорен, во начинот на кој ги отвора и пренесува искуствата со кои се соочуваат младите.

Камера „рамо до рамо“ со протагонистката

Во текстот значително место зазема и визуелниот јазик на филмот, зад кој стои Наум Доксевски.

Со смирена и ненаметлива камера, без визуелна спектакуларност, кинематограферот создава силно чувство на автентичност. Камерата, често рачно придвижувана и поставена непосредно покрај Сара, остава впечаток дека гледачот се движи „рамо до рамо“ со неа – без заштитен слој, без дистанца, без олеснување.

Токму оваа блискост, според „Синеуропа“, ја засилува реалистичноста на приказот и ја потенцира општествената рамка што ги обликува младите.

Филм што отвора простор за разговор

„17“ веќе го привлече вниманието на меѓународната критика, но неговата вредност, според реакциите, не е само фестивалска.

Филмот отвора простор за поширока општествена дискусија за теми што честопати остануваат премолчени – особено кога станува збор за искуствата на младите и нивната позиција во современиот социјален контекст.

По Берлинале, извесно е дека за „17“ допрва ќе се зборува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни