Трн: Иако многу млад, стоиш зад многу проекти и иницијативи. Која е сржта на сите нив? Која е твојата цел? За што се бориш?
Филип: Идеите и иницијативите се дел од една општа мисија која од рано детство си ја всадив во себе, а со љубов кон својот дом, земја, град – да се биде активен чинител. Сржта е во препознавањето на потенцијалот на она околу нас, негово разбирање, прифаќање и унапредување. Целта на борбата е секогаш вреднување и почит, културно воздигнување, општествена едукација и промоција, идеал за рамнотежа во просторот низ личен и професионален поглед на работите.
Ние сме општество каде доминираат летаргичноста и скептичноста, што во суштина говори за скриена масовна мрзеливост. За да ја прикриеме користиме „умни зборови“ како прагматичност и рационалност за одлуките кои ги носиме – да не превземеме ништо, т.е да се одбере полесниот пат, поткрепено со предикција дека залудни би биле обидите за нешто повеќе. Таквиот менталитет треба да го освестиме а потоа тоа да се претвори во немир, кој нема да ви дозволи да седите мирно и да набљудувате, туку да учествувате, или во најмала рака да ги поддржите бар оние кои се трудат да направат нешто.
Трн: На самиот крај од 2023 ја постави изложбата „Илустрации од постземјотресната обнова на Скопје“. Кој ти е најфасцинантен правец од обновата на Скопје и кои објекти ти се фејв ?
Филип: Обновата на Скопје, претставува најзрелиот и најплоден период на македонската архитектура. Во неа се испреплетени доцната модерна, локалните карактеристики и светската интернационала. Тоа е едно зрело размислување за уникатната можност да возобновите исчезнат град, а притоа да оставите колку светски толку и македонски печат на сето тоа. Брутализмот секако е највпечатлив и фасцинантен по својата скулпторалност и футуристичност за тоа време. Кога би морал да издвојам објекти од обновата тоа би биле Македонската опера и балет, Архивот на Град Скопје, ПТТ, МСУ но листата продолжува не застанува тука.
Трн: На изложбата се претстави со два авторски и еден експериментален концепт на аплицирање илустрација. Што претставува овој експерииментален концепт ?
Филип: Експерименталниот концепт претставува изработка на илустрации со помош на вештачката инлегенција (АI). Лично како автор до сега не сум ја користел, и немам сеуште цврсто изграден став за неа, па од тука за мене лично е експериментален концепт. Се трудев препознатливоста на објектите да биде што е можно поголема, без крајниот резултат да биде поглед кон иднината или пак некој замислен свет за 200 години од сега во кој доминираат вселенски бродови и сивило. Стравот од оваа алатка дека ќе не замени во поголемиот дел од работата, можеби е предизвик да најдеме мерило што е добро и колку е добро да го користиме. Таа се покажа како прилично симпатичен експеримент кој во даден контекст може да има одредена логична и рационална примена, но истовремено кај неискрените автори може да биде и предмет за манипулација. Како и се досега може да има две лица приказната.
Трн: Основач си и на МАРХ, еден од најподатливите сајтови за архитектура за кој верувам многумина ти се благодарни. Како дојде до идејата за основање на сајтот и како се случи тоа ? Колкава екипа работи на него и како функционирате?
Филип: МАРХ е сегмент од една идеја многу постара од неговото настанување. Влегуваме во 10тата година од постоењето на страната, додека првите иницијативи за првиот концепт има најмалку уште 5 години. Идејата носеше наслов „Македонски автори“, во која Македонската архитектура беше еден дел, додека останатите се однесуваа на македонската уметност, дизајн, мода, музика итн. (сите правци на творештво). Истата опфаќаше печатени изданија, веб страни, носачи на звук, брендирани производи итн. Откако побарав средства, конкурирав на сите можни конкурси и бев одбиен од сите страни, размислив што можам да направам сам, со финансиите кои апсолутно ги немав. Седнав на youtube да истражам како да подигнам сам интернет страна, па после некое време истото конечно го реализирав, чекор по чекор.
Поривот за создавањето на страната и постариот концепт, лежеше во поразот што го доживувавме како општество со Проектот Скопје 2014та, каде се покажа една избрзаност, непрофесионалност, незрелост, необразованост, понижувачки однос кон веќе изграденото и неверојатна политичка арогантност. После борбата што ја имавме во тоа време како студенти и разочараноста кај сите, одлучив да работам на долг рок во кој примарно ќе биде нашето заедничко едуцирање со цел да се запознаеме самите со себе и да се надраснеме културолошки. Тоа значи омасовување на вредностите и промоција, создавање достапна архива која во секое време ќе овозможи читателот да истражува и да се едуцира многу повеќе за македонската архитектура.
Во МАРХ придонесуваат и Ноеми Чаусидис, Борис Јурмовски, Мартина Штериова, Мартин Ефремовски и Љубен Трајаноски. Согласно нивните временски можности постојат дежурства во кои секој од нив работи по одреден број на објави. МАРХ сеуште можеме да заклучиме дека е проект воден од ентузијазам и љубов, иако работиме на тоа да се промени правејќи го првиот чекор во барањето на комерцијални поддржувачи минатата година.
Трн: Во 2021 ја доби Големата годишна награда од Асоцијацијата на Архитекти на Македонија за најнеобичната детска градинка во Волково која минатата година почна и со работа. Како дојде до идејата за тој проект, кружна форма и како долови и практичност и оригиналност во проектот?
Филип: Идејата за формата беше потикната од страна на инвеститорот, каде се бараше да се размислува вон рамката и да се истражуваат полукружни, кружни или потковичести форми, што секако за мене како архитект беше предизвик. По направените анализи на локацијата и проектната програма, истите покажаа дека кругот е идеалната форма за тој простор од аспект на функционалноста. Оригиналноста се постигна преку искрениот однос во проектирањето, каде одредените ситуации на терен не се силуваат туку едноставно се адаптирате на нив и ги прифаќате како потенцијал.
Кружни градинки постојат многу во светот, согласно нашите можности како општество, создадовме и наша варијација на темата, без идеја да се лажира, копира или претенциозно маркира како нешто невидено во светски рамки. Сепак кружната градинка во Волково си го потврдува сопственото ендемично постоење преку локалниот просторен контекст и наратив, добивајќи го признанието дома и надвор.
За жал морам да констатирам дека е изведена со промени неусогласени со проектантите, но нејзиниот архитектонски костур е задржан, а преку него ја перцепираме и нејзината вредност.
Трн: Кој ти е омилен дел од Скопје?
Филип: Местата без кои не можам да функционирам и доколку не минам бар кај некое од нив, повеќе од 48 саати имам неверојатна потреба истото тоа да го направам веднаш, се зелените простори на Скопје – Градски Парк, Водно и Гази Баба. Тешко ми е да издвојам еден дел од Скопје, бидејќи цел град ми е интерес, но да речеме додека движам кон Градски Парк, секогаш морам да поминам долж улицата „Орце Николов“, каде ги имаме најубавите пропорции во урбанизмот, поделба на она што значи коловоз, велосипедска патека, пешачка патека, вертикално зеленило и секако архитектура во различни стилови, тука имаме објекти кои веќе надминуваат и еден век постоење. Недостатокот и исчезнувањето на европското Скопје, го прави овој дел од Дебар Маало посебнo вреден за Скопје.
Трн: Кога се црташе ГТЦ со графити изјави дека и просторот под новата железничка станица е неискористен и тоа е одлично место за галерија на графити и дека имаш идеја да се создаде дополнително специјален објект во околината на Музеј на современа уметност кој ќе биде наменет за стрит уметноста и ќе се менува. До каде се овие идеи ? Ќе се реализираат ли во 2024?
Филип: Тие идеи стојат сеуште во идејникот 😊 Годината која измина, требаше да се реализира конечно и третата галерија на улична уметност токму под Железничката Станица, како дел од Проектот „60 години од 5 и 17“. За жал беа добиени симболични средства единствено од Министерството за Култура со кои имав можност да ги реализирам двете изложби „Бетонско Скопје“ и “Илустрации од обновата на Скопје“. Оваа година целам повторно да го реализирам проектот, но без поддршка на институциите, ќе се обидам овојпат со спонзорства на македонските компании. Во однос на идејата за Музејот на современа уметност, таа остана единствено на моите зборови, но секако беше проекција за во иднина. Таа треба да се разработи детално на едно поинакво ниво, со вклучување на многу чинители, пред се МСУ , потоа градот Скопје, урбанистичките планови, Министерството за Култура итн.
Трн: Кога беше најсреќен во 2023?
Филип: Најсреќен бев во моментите на дружење, патување и Водно терапијата која си ја пружам редовно.