Фики Гаспар: Препорачувам да се оди на мирни собири – тоа е начин да се искажат чувствата и да се направи промена

Разговараме со Фики Гаспар, психолог од Гаспар Центарот за психофизичко здравје, кој активно нуди бесплатна психолошка поддршка за повредените, нивните семејства и блиските настрадани во трагедијата во Кочани. Во ова интервју, тој зборува за важноста на солидарноста, мирните собири и начинот на кој колективната поддршка може да помогне во процесирањето на болката и справувањето со загубата.

По секоја трагедија, особено од големи размери, луѓето се соочуваат со шок, тага и чувство на немоќ. По погребот што се одржа во четвртокот, многумина бараат начини како да ги процесираат овие емоции и како да продолжат понатаму. Во ова интервју, експерт во областа на психологијата објаснува како да се справиме со загубата, кои се првите чекори во процесот на жалење и како да препознаеме кога е потребна стручна помош.

Трн: Како да се справиме со шокот и тагата по трагедија?

Фики: Важно е да знаеме дека сме во шок-ситуација и да не избрзуваме со обиди веднаш да најдеме решение или да ја надминеме болката. Треба да си дозволиме да го почувствуваме шокот и сите емоции што доаѓаат со него. Најдобро е овие чувства прво да ги споделиме со блиските, а доколку чувствуваме потреба, да разговараме и со стручни лица. Треба да внимаваме да не се изложуваме на трауматизирачки содржини и вести што ја продлабочуваат болката.


Трн: Како да се управува со чувството на немоќ и страв?

Фики: Луѓето реагираат на различни начини – некои веднаш чувствуваат потреба за акција, додека кај други прво се јавува тишина и повлекување. Би било корисно пред да реагираме, да се консултираме со професионалец, бидејќи во шокантни ситуации понекогаш можеме да реагираме ирационално. Најважно е да ги споделуваме чувствата и да се обидеме да ги насочиме кон конструктивен начин на обработка.

Трн: Кога е потребна стручна психолошка поддршка?

Фики: Најважно е луѓето да знаат дека сите сме во колективен процес на загуба. Болката се процесира во фази, но ако некој почувствува дека неговите одбранбени механизми не можат да се справат со ситуацијата, тогаш е потребно да побара стручна помош. Симптоми како долготрајна несоница, интензивна анксиозност, изолација, губење на мотивација и постојано враќање на трауматските слики се показатели дека е неопходна консултација со психолог или психијатар.

Трн: Дали оваа колективна траума ќе остави трајни последици?

Фики: Да, оваа траума ќе остави трајни последици, не само кај оние што биле директно инволвирани, туку и кај пошироката заедница. Ќе остане долго време во колективната меморија и ќе влијае врз нашето чувство за сигурност. За некои семејства оваа загуба никогаш нема целосно да се неутрализира. Потребни се години работа за да се минимизира ефектот на оваа траума.

Трн: Како младите да се справат со зголемената анксиозност?

Фики: Најмногу погодена демографска група во оваа трагедија е младината, особено лицата од 18 до 24 години. Нивниот страв е оправдан, бидејќи чувствуваат дека тоа можело да им се случи и ним. Оваа мисла предизвикува губење на чувството на сигурност, што е силен стресор и води кон анксиозност. Важно е младите да зборуваат за своите чувства, да не ги потиснуваат, да се вклучат во заеднички иницијативи и да бараат професионална поддршка ако почувствуваат дека не можат сами да се справат со ситуацијата.

Процесот на жалење е индивидуален и секој поминува низ него на различен начин. Важно е да се остави простор за емоциите, да се бара поддршка кога е потребно и да се избегнуваат трауматизирачки содржини. Со време, соработка и стручна помош, колективната и индивидуалната траума може да се обработи и да се најдат начини за справување со неа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни