ФИФА го казни Фудбалскиот сојуз на Хрватска поради скандирања и пиротехника од трибините

ФИФА му изрече казна од 87.500 швајцарски франци на Фудбалскиот сојуз на Хрватска поради дискриминаторски скандирања и пиротехника на натпреварите против Фарските Острови и Црна Гора.

Дисциплинската комисија на Светската фудбалска федерација (ФИФА) го казни Фудбалскиот сојуз на Хрватска (ХНС) со вкупно 87.500 швајцарски франци поради однесувањето на навивачите на квалификациските натпревари за Светското првенство 2026 против Фарските Острови и Црна Гора.

ХНС доби казна од 18.500 швајцарски франци за непримерно однесување на дел од навивачите на натпреварот против Фарските Острови, одигран на 14 ноември 2025 година во Риека. Санкцијата се однесува на блокирање на приоди и користење пиротехнички средства на трибините.

Само неколку дена подоцна, на гостувањето во Подгорица против Црна Гора, хрватските навивачи извикувале дискриминаторски и навредливи пароли, меѓу кои „Убиј Србин“ и „За дом спремни“.

Поради ваквото дискриминаторско однесување, како и поради повторното користење пиротехника, ФИФА го казни ХНС со дополнителни 69.000 швајцарски франци, како и со мерка следниот натпревар под надлежност на ФИФА на домашен терен да се одигра со ограничен број гледачи.

Според одлуката, ХНС е должен да затвори најмалку 25 проценти од расположливите седишта, при што приоритетно ќе бидат затворени трибините зад головите.

Фудбалскиот сојуз на Хрватска најави дека ќе побара од ФИФА дозвола тој дел од трибините да биде исполнет со деца до 14 години од фудбалски школи, како едукативна и превентивна мерка против говор на омраза на стадионите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни