Фиџи им ги враќа правата на автохтониот народ: „Единствени кои не заработуваат од туризмот и сурфањето“

Владата на Фиџи најави дека ќе исправи историска неправда и ќе му ги врати управувачките права над морските подрачја на автохтоното население, вклучувајќи ги и светски познатите локации за сурфање.

Одлуката предизвика славење меѓу припадниците на автохтониот народ, но и загриженост во клучниот туристички сектор, објави весникот The Guardian (Гардијан).

До 2010 година, пристапот до Клаудбрејк, еден од најценетите бранови во светот, бил забранет за локалното население поради ексклузивен договор со луксузно одморалиште, склучен уште во раните 1980-ти години.

„Беше понижувачки, беше срамно“, вели Иан Равувоу Мулер, сурфер од автохтониот народ иТаукеи, кој сведочи дека бил бркан од водите во кои се родени неговите три синови. „Ние сме народ на морето“, додава тој.

Во 2010 година, воената диктатура на Френк Баинимарама донесе декрет со кој беа укинати сите ексклузивни договори и беше забрането наплаќање за користење на фиџиските гребени и плажи. Пред тоа, одморалиштето Таваруа Ајленд Ризорт им плаќало на локалните племиња Надрога за приватен пристап до Клаудбрејк, а со декретот биле поништени договори вредни околу 12 милиони фиџиски долари.

Иако овој потег ги отвори брановите за сите и овозможи развој на нова генерација сурфери, истовремено биле погазени обичајните поморски права, со што народот иТаукеи бил исклучен од одлучувањето и профитот од растечкиот сурф-туризам.

Сегашната влада сака да им ги врати правата за управување со морските подрачја, познати како ќоликоли (традиционални риболовни зони), на автохтоното население. Тоа би им овозможило надомест за туристичките активности на гребените и риболовните подрачја кои отсекогаш биле извор на нивна егзистенција.

„Во иднина, туризмот ќе вклучува големо учество на автохтоното население“, изјави заменик-премиерот и министер за туризам Виламе Гавока. „Ова законодавство е еден од начините Фиџи да обезбеди автохтоните заедници да бидат значаен дел од туристичкиот сектор“, додаде тој.

Иако мерката се слави како победа за правата на народот иТаукеи, таа предизвика и загриженост. Туризмот е ‘рбетот на фиџиската економија и учествува со околу 40 проценти во бруто-домашниот производ, но голем дел од автохтоното население сè уште живее во сиромаштија.

„Луѓето кои со генерации се грижеа за овие гребени денес немаат ништо“, вели д-р Јекопе Мајоно, експерт за автохтон економски развој. „Хотелиерите, сопствениците на одморалишта и авиокомпаниите профитираат од овој обичаен ресурс. Автохтониот народ само бара свој правичен удел“, додава тој.

Извршниот директор на Таваруа Ајленд Ризорт, Џон Роузман, предупреди дека владее „постојана неизвесност“, додека Здружението на хотели и туризам на Фиџи побара поголема јасност околу практичната примена на законот и начинот на реинвестирање на средствата во заедниците.

Обидите за враќање на обичајните права траат уште од британската колонизација во 1874 година, но секогаш наидувале на отпор. Последниот неуспешен закон за ќоликоли од 2006 година се наведува како една од причините за пучот на Баинимарама.

Специјалистите за права на автохтоното население сметаат дека стравовите се претерани. „Политичката цел отсекогаш била зајакнување на народот иТаукеи“, вели Усаија Гаунавоу, директор на студиите за иТаукеи на University of Fiji (Универзитет на Фиџи).

За оние кои живеат со океанот, како Мулер, промената е одамна очекувана.
„Луѓето често мислат дека природата е бесплатна за сите, но таа има своја цена и мора да се заштити. Ги исправаме грешките од минатото за да создадеме подобра иднина. За нас, ова е искупување за сурфањето“, порача тој.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни