Fiction: Најмногу нè дефинира тоа што вешто избегнуваме да бидеме дефинирани

Од скопските почетоци до регионална публика што ги пее нивните песни наизуст, Fiction за Трн зборуваат за „Лавиринт“, сцената што расте без доволно простор и новата музика што веќе ја подготвуваат.
Фото: Јана Ѓуревска / @jansdeveloped

Скопскиот бенд Fiction веќе неколку години внимателно и сталожено го гради својот пат, но нивните успеси одамна зборуваат доволно гласно. Петар Ѓуревски на вокал, Виктор Захариев на гитара и Филип Андонов на бас гитара стојат зад звук што се движи меѓу алтернативниот и современиот рок, со јасен авторски печат и препознатлива емоција.

Зад таа одмереност стојат сериозни достигнувања: во 2018 победија на Лузер Фест, ја освоија наградата за најдобар гитарист на Рок-фест, а во 2024 како финалисти влегоа во најтесниот избор за балканската награда „Милан Младеновиќ“. По успехот на албумот „Лавиринт“, Fiction се издвои како впечатливо име на новата регионална рок сцена и веќе го подготвува следното поглавје со нов материјал.

Во интервју за Трн, Fiction зборуваат за патот од првите песни до „Лавиринт“, за сцената во Скопје, искуствата со публика надвор од земјава и за новата музика што веќе ја подготвуваат.

Фото: Јана Ѓуревска / @jansdeveloped

Трн: Fiction веќе има препознатлив звук и јасен правец. Што е она што денес најмногу ве дефинира како бенд?

Fiction: Сеуште ја немаме потребната временска дистанца за да одредиме што е точно тоа што не дефинира како музички колектив. Некои велат дека е тоа спојот на многу различни жанровски влијанија, можеби контрастот меѓу мелодичност и енергија, тишина и гласност, воздржаност и експлозија. Веројатно, најмногу не дефинира тоа што некако вешто избегнуваме да бидеме дефинирани, воопшто.

Трн: Што ви покажаа настапите надвор од Македонија? Дали тие свирки ви потврдија дека вашата музика може да комуницира и со публика надвор од локалниот контекст?

Fiction: Дефинитивно фестивалите и концертите надвор ни докажуваат дека регионот е многу отворен за музиката која доаѓа од нашето поднебје. За секој артист голема лекција е да настапува пред луѓе кои ги гледа прв пат во својот живот. Ние, конкретно, бевме тотално изненадени кога наидовме на публика од Хрватска, Бугарија, Косово, Србија, која ги знаеше нашите песни наизуст, на моменти и пеејќи ги погласно од нас.

Убави се тие искуства, запознаваме многу бендови од соседните земји со кои делиме слични влијанија, имаме слични размислувања и амбиции, и планираме идни соработки.

Трн: По години работа стигнавте и до првиот албум. Дали го доживувате како заокружување на една фаза или како вистински почеток на Fiction?

Fiction: “Лавиринт” од една страна е сигурно големо финале на една фаза која за нас траеше неколку години. Бевме пресреќни додека го снимавме албумот, на моменти дури и нетрпеливи да го издадеме. Албумот ни отвори многу врати, како на локално, така и на регионално ниво, за што сме бескрајно благодарни.

Истиот не инспирираше и интерно, зад нас имавме една од најпродуктивните години кога се во прашање и настапи, а и креирање на нов материјал. Така што, “Лавиринт” го гледаме и како заокружување на една фаза, пред се од нашите животи, и дефинитивно како почеток на нова, позрела.

Трн: Колку денес сте поинаков бенд од времето на првите песни, и во звукот и во амбицијата?

Fiction: Сметаме дека сме доста поразличен бенд, музички а и умствено, од оној кој го започнавме. Пред се, ние сме на прагот на 10 години постоење, јубилеј кој не е ни малку наивен за нас, а и воопшто за било кој друг бенд. Така што, во тие 10 години, имавме време, прилики и неприлики да созрееме и како музичари и како луѓе.

Денес сме можеби поконкретни во своите замисли од кога и да е. Веќе сметаме дека имаме одредена  “километража” зад нас која прави да сме посигурни во она што го работиме во моментот.

Успехот на нашиот минат труд секако дека ни ги шири хоризонтите, и ни ја зголемува амбицијата за повеќе.

Трн: Како ви изгледа скопската музичка сцена одвнатре? Има ли доволно простор за авторски бендови или сè уште повеќе се преживува отколку што се расте?

Fiction: Како што имаме кажано во неколку наврати досега, скопската музичка сцена е во постојан раст уште од пред неколку години.

За жал, денес, повеќе од било кога, недостасува место за пласман на онаа музика која е малку поалтернативна. Уште повеќе на музика која живее меѓу, или ги спојува тие два света на мејнстримот и алтернативата (можеби ние сме тука некаде?). Се оддржуваат неколку фестивали годишно, и тоа ретко кој успева да настапи на ист фестивал две години по ред.

Така што, оставено е на артистите да се снаоѓаат за останатото, DIY, нели?

Уште поголем е проблемот на музичарите со немање на квалитетни простории за проби, вежбање, снимање, итн.

Не зборуваме за желба некој да им го даде тоа бесплатно, никако. Зборуваме за квалитетни, третирани простории во кои редовно би си ги покривале редовните трошоци, кирии, струја.. За да биде уште пожално, вакви звучно третирани простории постојат, дури и многу се на број, посебно во националните установи, но за жал, стојат празни, поради X причини.

Трн: Што следно може да очекуваме од Fiction? Дали сега фокусот е на нова музика, повеќе настапи или на некој следен исчекор што веќе го подготвувате?

Fiction: Фокусот дефинитивно периодов беше на нова музика. Деновиве го привршуваме микс-мастер процесот за новиот материјал, а во подготовка сме и на видео-записи за сингловите што следат. Така што, сметаме дека имаме многу што да покажеме во периодот што следи. Секако, по издавање на новиот материјал, следат и настапите, па и турнеја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни