Февруари во Кинотеката: тивки гласови и филмот како чин на сеќавање

Програма што ја брани тишината, авторскиот ризик и филмот како простор на етика, меморија и отпор кон заборавот

Кинотека на Македонија ја објави програмата за февруари 2026 година, која ја опишува како внимателно составен мозаик од современи авторски визии и значајни европски остварувања. Програмата, велат од Кинотеката, уште еднаш ја потврдува институцијата како простор на мисла, чувствителност и отпор кон културниот заборав.

„Ова не е програма што нуди лесна забава, туку покана за длабинско гледање и активно учество во филмот како уметнички и етички чин“, стои во соопштението.

Во центарот на февруарската селекција е актуелниот филм на Тамара Котевска, авторка чиј израз се движи меѓу документарното и поетското, меѓу човекот и пејзажот, меѓу исчезнувањето и траењето. Нејзиното дело, посочуваат од Кинотеката, продолжува да ја истражува кревката рамнотежа меѓу личното сведоштво и универзалната грижа за светот што го населуваме.

Во таа линија на тивка, но моќна авторска исповед се вклопува и документарниот филм „Приказната за Сиљан“, кој преку интимна нарација отвора пошироки прашања за идентитетот, наследството и човечката потреба да се раскаже сопствената приказна.

Февруарската програма го вклучува и новиот филм „Татко, мајка, сестра, брат“ на култниот независен автор Џим Џармуш. Неговата минималистичка естетика, тивките паузи и егзистенцијалниот хумор повторно потсетуваат дека филмот може да биде простор на созерцание, а не само на наративна ефикасност. Џармуш, според Кинотеката, останува еден од ретките автори што доследно ја брани слободата на независниот филм.

Европската селекција ја проширува програмата со филмовите „Љубовта што останува“, „Луда љубов“, „Двајца обвинители“, „Приватен живот“ и „Ромериа“ – остварувања што, низ различни поетики и жанровски пристапи, се занимаваат со интимноста, вината, правдата и кревките човечки односи во современиот свет.

„Овие филмови не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за сомнеж, емпатија и морална дилема – токму таму каде европскиот авторски филм е најсилен“, нагласуваат од Кинотеката.

Посебно место во програмата има и селекцијата за најмладата публика, со избор на квалитетни анимирани филмови што не ја потценуваат детската гледачка публика. Преку јасна визуелна имагинација и внимателно обликувани приказни, овие филмови носат пораки за емпатија, различност, пријателство и одговорност, градејќи темели за идни гледачи што ќе умеат да гледаат а не само да консумираат.

Според Кинотеката, февруари 2026 не е само месечна програма, туку јасна изјава за филмот како уметност што мисли, чувствува и памети, простор каде тишината зборува, а сликите остануваат долго по завршувањето на проекцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни