Фестивалот „Војдан Чернодрински“ низ призма на прилепските театарски работници

Прилеп, градот на театарската магија, повторно ја отвори својата сцена за најзначајниот театарски фестивал во Македонија, „Војдан Чернодрински“. Овој фестивал, кој се одржува со децении, го обединува театарскиот свет и носи нови претстави, емоции и среќни средби меѓу колегите.

Годинава, Прилепскиот театар ќе настапи со претставата „Дупло дно“, по текст на Горан Стефановски и во режија на Наташа Поплавска. Претставата е закажана за 11-ти, во вторник, со почеток од 22 часот. Со оваа претстава, прилепските театарски работници се надеваат дека ќе го привлечат вниманието на публиката и ќе остават свој печат на фестивалот.

„За мене, фестивалот е празник,“ истакнува Даниела Иваноска, додавајќи дека е особено значајно што имаат можност да се видат со колегите, кои ретко ги среќаваат во текот на годината. „Го сакам овој фестивал затоа што ни овозможува да се поврземе повторно, да споделиме искуства и да се сетиме на убавите моменти заедно.“

Театарскиот ансамбл од Прилеп е составен од 10 души, кои се учесници во сите проекти во текот на годината. Слободно време речиси немаат, но се обидуваат да најдат начин за посета на колегите во другите градови, иако тоа не е секогаш лесно.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е настан кој го привлекува вниманието на многу луѓе. „Сè живо и диво што постои излегува, мајка може изгубено дете да си најде овде, јако е, супер е, штета што не е вака преку целата година,“ се пошегува Даниела, нагласувајќи ја динамиката и убавината на фестивалот.

Прилепската публика е позната по својата искреност и критичка настроеност. „Не може да се помине со лажна глума или со бледа режија бидејќи прилепската публика има високи критериуми за гледање на претстави,“ објаснува Илија Волчески. Тој додава дека публиката е секогаш отворена за различни жанрови, но секогаш бара барем една комедија на репертоарот.

Посетеноста на претставите во Прилеп е висока, а салите се полни благодарение на големата љубов кон театарот. „Ме радува што младата публика е се побројна и дека таа зараза кон уметноста и театарот е силна и сакам тоа да продолжи затоа што сметам дека да, уметноста ќе го промени човештвото“, потенцира Даниела.

Неделата на фестивалот има големо значење за градот, бидејќи „Војдан Чернодрински“ е најстариот театарски фестивал во Македонија. „Буквално градот и Прилепчани живеат за фестивалот,“ вели Илија, нагласувајќи го влијанието на овој настан врз локалната заедница.

Младински театарски центар „Зона“

Минатата година, во септември, беше формиран Младински театарски центар „Зона“ за аматери и вљубеници во театарската уметност. Оваа иницијатива донесе нова енергија и ентузијазам меѓу младите театарски работници. Центарот неодамна ја подготви претставата „Чернодрински се враќа дома“, која освои награда на ДАФ Кочани за колективна игра. Оваа награда е особено значајна бидејќи го истакнува колективниот дух, заедништвото и емпатијата меѓу младите актери.

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е повеќе од обичен театарски настан. Тој е момент на сплотеност, инспирација и заедничка љубов кон уметноста, кој секоја година го прави Прилеп центар на театарската сцена во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни