Фестивалот РУТА во Драмски театар

Драмски театар Скопје од 15 до 20 октомври ќе биде домаќин на третото издание на меѓународниот театарскиот фестивал Рута.

На сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје во тек на фестивалската недела, македонската публика ќе има можност да проследи шест репрезентативни претстави на театрите од регионот. Во фестивалската програма ќе играат претстави и копродукции од сите членки на Регионалната унија на театри. Београдско драмско позориште од Србија, Камерни театар 55 од Сараево, Босна и Херцеговина. Од Хрватска гостуваат, Казалиште Улисис во копродукција со театарот Гавела од Загреб. Местно гледалишче Љубљана од Словенија настапува со претстава работена во копродукција со Београдско драмско позориште. Со свои претстави од годинешнава продукција настапуваат и Градско позориште Подгорица и Драмски театар Скопје.

По церемонијата на свеченото отворање на 15 октомври во 20 часот, ансамблот на Драмски театар Скопје ќе ја изведе претставата „Хеда Габлер“. Претставата ја имаше својата премиера во април годинава и е работена по текст на Хенрик Ибзен. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Сценографијата е на Васил Христов, а костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска. Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман- Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг- Дениз Абдула и ликот на Теа Тесман го игра Сара Климоска.

За втората фестивалска вечер на 16 октомври е најавена претставата од Хрватска. Режисерката Ленка Удовички и ансамблите на театар Улисис и Градски драмски театар Гавела од Загреб во копродукција ќе ја изведат нивната претстава „Опера за три гроша“ од класиците писателот Бертол Брехт и композиторот Курт Веил. Улогите им се доверени на актерите Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Ника Иванчиќ, Аница Контиќ, Ана Квргиќ, Лана Менига, Барбара Нола, Мада Першиќ, Тара Росандиќ, Дијана Видушин и Дени Санковиќ.

Камерни театар 55 од Сараево на 17 октомври доаѓа со претставата „Целосно странци“ темелена на истоимениот филм на италијанскиот режисер Паоло Ѓеновезе. Режијата е на Лајла Каикчија. Седуммина пријатели, кои собрани на вечера се дружат носејќи ги своите тајни во мобилните телефони,се плашат со едно мало невнимание, она што го сметаме само наше да не излезе на виделина. Улогите ги играат Сабит Сејдиновиќ, Ванеса Глоѓо, Албан Укај, Сенад Алихоџиќ, Дина Мушановиќ, Надине Мичиќ и Игор Скварица.

Инспирирани од познатиот филм на Ингмар Бергман „Сцени од брачниот живот“, авторката Драгана Трипковиќ и режисерот Данило Маруновиќ ја направиле претставата „Мислам дека треба да разговараме“ со која пред македонската публика на 18 октомври ќе се претстави ансамблит на Градско позориште Подгорица. Улогите ги играат Миливоје Обрадовиќ, Вања Јовичевиќ, Јелена Ненезиќ, Милош Пејовиќ, Ивона Човиќ Јакимовиќ и Павле Поповиќ.

Београдско драмско позориште годинава на РУТА доаѓа со претставата „Швејк“ работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек. Режисер е Вељко Миќуновиќ, а улогите ги толкуваат актерите Озрен Грабариќ, Милутин Милошевиќ, Милутин Дапчевиќ, Милош Лазаров, Наташа Марковиќ, Бојана Стојковиќ, Ива Илинчиќ, Ивана Николиќ и Ивана Вукмировиќ.

Годенашново трето издание на РУТА во Драмски театар Скопје на 20 октомври го затвора претставата работена во копродукција на Местно гледалишче Љубљана и Београдско драмско позориште. „Иднина“ на словенечкиот режисер Жига Дивјак е претстава која ја отсликува сложената мрежа на меѓусебни влијанија на се’ и сите околу нас.

Улогите ги толкуваат актери од ансамблите на Местно гледалиште Љубљана и Београдско драмско позориште: Бернарда Оман, Грегор Груден, Лара Волф, Изток Драбик Југ, Гегор Зорц, Лотос Шпаровец, Милена Васиќ, Јана Бјелица, Марија Пикиќ, Милан Зариќ, Стефан Старчевиќ и Милан Колак.

Од Драмски театар Скопје како домаќин на фестивалот Рута изразуваат задоволство што македонската публика го препознава квалитетот и можноста во Скопје да се гледаат најактуелните претстави од регионот. Продажбата на билетите е на билетарницата на Драмски секој ден од 14:30 до 20:30  часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни