Фестивалот „Прво па женско“ почнува со „Свет без жени“

Дванаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО почнува со наградуваната претстава „Свет без жени“ во четврток (16 мај) во 20 часот на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности.

По изведбата на претставата, во рамки на дискурзивната платформа на Локомотива и Тиииит! Инк. – „Дијалогот што недостасува“, ќе следи разговор со авторките модериран од Калиа Димитрова од феминистичката платформа Медуза.

Влезот за претставата е слободен, но поради ограничениот број седишта, доколку сакате да присуствувате треба да направите резервација на tiiiit.inc@gmail.com.

Претставата „Свет без жени“ на авторките Олга Димитријевиќ и Маја Пелевиќ ја освои наградата од публиката на Фестивалот БИТЕФ во 2022 година.

Жените и работата – тоа е главниот мотив на проектот „Свет без жени“. Авторките тргнуваат од истражувањето за структурните нееднаквости во театарот во Србија: родова нееднаквост, нееднаквост во плати, нормализирано насилство, репродукција на патријархални капиталистички матрици. Истражувањето ги отвора прашањата: кој има право на работа, под кои услови и колку треба да биде/ат платен/а/и? Претставата ги пропрашува размерите на ангажираната уметност денес и љубовта (кон уметноста) како најподмолен извор на социјална репресија.

Претставата ќе се изведе како соработка меѓу Центарот за иновација во уметноста и културата „Локомотива“ и организацијата за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и нивните фестивали ПЕРФОРМАНС ПЛАТФОРМА ФЕСТИВАЛ и ПРВО ПА ЖЕНСКО #12.

Програмата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Embassy of Sweden, The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund и Sigrid Rausing Trust.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни