Фестивалот „Игор Маџиров“ ги носи светските и регионалните театарски хитови на сцената во Скопје

Оваа година, љубителите на театарот за деца и младинци ќе имаат единствена можност да проследат извонредни претстави на Фестивалот „Игор Маџиров“. Претстави од Турција, Србија и Италија ќе бидат изведени на различни локации во Скопје на 4-ти октомври, со цел да ја поттикнат љубовта кон театарот кај најмладата публика.

Програмата започнува со „По трагите на волкот“, која е инспирирана од романот на Џек Лондон „Повикот на дивината“ и ќе биде изведена од Младинскиот театар од Нови Сад, Србија. Оваа театарска адаптација, која комбинира 6 актери, тапанар, 10 микрофони, 4 кучиња и еден елен, раскажува возбудлива приказна за домашно куче продадено да работи во Јукон за време на златната треска. Претставата ќе се одржи во Театар Комедија во 12:00 часот и е наменета за деца над 10 години. Времетраењето е 60 минути.

Следната претстава, „Светско шоу на ѕвездите“, претстава која ќе биде изведена од Театарот Караѓоз од Истанбул, Турција. Оваа уникатна продукција ќе ги однесе гледачите на авантуристичко патување низ сенките, каде познати светски ѕвезди како Елвис Присли, Лучијано Павароти, Чарли Чаплин и други ќе оживеат на сцената. Претставата е наменета за деца над 5 години и ќе се одржи во Театарот за деца и младинци во 17:00 часот. Времетраењето е 35 минути.

Вечерта завршува со „Дупка и копче“, надреална приказна за кројач кој ја губи својата душа, изведена од Иколо Театар од Рим, Италија. Оваа претстава, преку метафората на кроењето, обработува длабоки теми за човечката душа и секојдневните предизвици на животот. Претставата е наменета за деца над 5 години и ќе се одржи во Драмскиот театар во 19:30 часот, со времетраење од 60 минути.

Фестивалот „Игор Маџиров“ претставува вистинско уживање за сите генерации, нудејќи богата и разновидна програма која ќе ја разбуди имагинацијата на децата и младите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни