Фестивалот Игор Маџиров донесе храбри претстави и силни емоции за најмладата публика

Фестивалот “Игор Маџиров” иако е млад, успеа да донесе богата и разновидна програма, која остави силен впечаток на сите присутни. Со десет претстави во конкуренција, од Балканот и Франција, жирито имаше тешка задача да ги избере најдобрите, поради што беа воведени специјални награди, вклучително и нова награда за драматургија.

Биљана Крајчевска, драматург од Народен театар Битола, изрази задоволство од квалитетот на претставите и нагласи колку е важно авторството за деца и младинци повторно да се стави во фокус:
„Ова беше тежок избор за нас, затоа што сите претстави имаа различен жанр – од драмски до куклени. Токму затоа воведовме нова награда за драматургија. Како драматург се надевам дека актуелните проблеми на децата и младите ќе се постават на сцена, бидејќи театарот е оној жив момент што се случува овде и сега. Тоа е клучно за да им помогнеме на младите полесно да се справат со емоциите и предизвиците со кои се соочуваат денес.“

Биљана Крајчевска

Крајчевска, исто така, го истакна значењето на полната публика со деца:
„Многу е за поздрав што сите претстави беа исполнети до последно место. Тоа покажува дека театарот за деца и младинци има своја важна улога, а овој фестивал има за цел да го поттикне и развие интересот на децата за театарската уметност.“

Рената Карола Гатика, аргентинска режисерка која живее и работи во Хрватска, исто така сподели дека е изненадена од високото ниво на претставите, иако буџетите за детски претстави се сè помали:
„Морам да признаам дека сум изненадена со квалитетот на претставите. Иако знам колку буџетите се намалуваат, претставите беа одлични, разновидни, од духовити до оние кои не тераа на солзи. Тешко беше да се одлучиме околу наградите, но мислам дека им пруживме на децата вистинска уметност. Она што е најважно е што ги предизвикавме да се враќаат во театарот.“

Рената Карола Гатика

На прашањето што е најважно за една успешна детска претстава, Гатика одговори:
„Клучен елемент за успешна претстава е актерот. Тој треба да биде уметник, професионалец со големо знаење и способност. Само така можеме да бидеме конкуренти на екраните. Она што го нуди театарот е жива уметност која се случува овде и сега, и тоа е нешто што не може да се спореди со техниката или жанрот. Вистинскиот уметник е оној кој успева да ги освои срцата на публиката преку своите емоции.“

Фестивалот донесе многу интересни моменти, а за Гатика најимпресивна беше реакцијата на децата за време на претставата „Оној пат кога се изгубивме“ од Краљево:
„Гледавме како цел прв ред деца плачат, како емпатираат со ликовите. Тоа беше вистинска катарза. Имаше многу претстави кои разбудија силни емоции, и тоа ќе ми остане во сеќавање како фестивал со храбри претстави.“

Фестивалот “Игор Маџиров” заврши вчера вечер со свеченото доделување на наградите, оставајќи длабоки импресии кај публиката и учесниците, а истовремено го поттикна значењето на детскиот и младинскиот театар во општеството.

Фотографии: Ангел Ангеловски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни