Фестивалот „Друга приказна“ продолжува со својот втор дел од 10 до 12 октомври во КЦ „Јадро“

Од 10 до 12 октомври (петок до недела), во Културниот центар „Јадро“ ќе се одржи вториот дел на книжевниот фестивал „Друга приказна“, кој годинава слави десетгодишнина.

За првпат, фестивалот се организира во два одделни термина – првиот дел се одржа во јули, а вториот продолжува овој викенд, со богата програма и бројни гости од земјата и регионот.

Настаните ќе се одвиваат секој ден, од попладневните до вечерните часови, и ќе понудат разнолика содржина: книжевни промоции, дискусии, изложби, концерти и работилници. Фестивалот го организира издавачката куќа Темплум, а за време на викендот, посетителите ќе имаат можност да купат книги по намалени цени.

Програмата започнува во петок, 10 октомври, со прогласување на победникот на конкурсот за најдобар дебитантски ракопис „Новите!“, по што следат разговори со автори и теоретичари од регионот, изложба и врачување на главната фестивалска награда на истакнатата словенечка авторка Светлана Слапшак.

Саботната програма вклучува разговори со активисти од студентското движење во Србија, презентации поврзани со историјата на антифашизмот во Македонија и Југославија, како и тркалезна маса посветена на значењето на антифашизмот денес. Денот ќе заврши со концерт на партизански песни во изведба на Мариана Бошковска и Димитрије Бужаровски.

Неделата започнува со работилница на белградскиот уметнички колектив ШКАРТ, насловена „Пес пев скак скак“, наменета за креирање микропесни од постоечки текстови. Во попладневните и вечерните часови следуваат презентации на книги, разговори за состојбата со непрофитните медиуми, како и завршна вечер посветена на 20-годишнината од доделувањето на наградата „Новите!“.

Со вториот дел од фестивалот, „Друга приказна“ ја заокружува својата десета година постоење, останувајќи доследна на својата мисија – да биде простор за критичка мисла, слободно творештво и регионално поврзување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни