ЈУ. Детски културен центар – Карпош го најавува второто издание од фестивалот посветен на мјузикли за деца и млади, кој ќе се одржи од 3 – 5 јуни на сцената во киното Фросина при МКЦ во Скопје. Овој живописен настан, поддржан од Град Скопје, ќе претстави живи изведби на омилените приказни, нудејќи возбудлива можност за публиката од сите возрасти да ја доживеат магијата на мјузиклот.
Фестивалот започнува на 3 и 4 јуни со „Аладин и волшебната ламба“, изведен на македонски јазик од талентираните членови на Студиото за детски и младински мјзуикли Бродвеј Јуниор од Скопје под раководство на Наташа Јанкова, која е прва во државата која го промовира мјузиклот како сплет од уметности и со голема љубов, страст и ентузијазам им го пренесува на младите генерации.
Возбудата продолжува на 5 јуни со спектакуларната изведба на „Убавицата и ѕверот“ од талентираните ученици од Интернационалното училиште QSI во Скопје.
„Ова е уникатна можност да се видат на сцена омилените дизниеви филмови, каде раскошните мелодии се збогатени со раскошни костими. Мјузиклот, кој е сплет на сите уметности во едно, е реткост да се види на нашата сцена, особено кога децата настапуваат за деца. Веруваме дека овој фестивал ќе расте од година во година и ќе прерасне во меѓународен настан,“ изјави директорката на ДКЦ Карпош д-р Билјана
Лалчевска Серафимовска.
Град Скопје го поддржа и оваа година фестивалот, истакнувајќи ја културната и едукативната вредност на музичкиот театар за младата публика.
Изведбите ќе започнат во 18:00 часот на 03 јуни, 19.00 часот на 04 и 05 јуни во Кино Фросина при МКЦ. Искрена благодарност упатуваме на Здружението за инклузивно и неформално образование КРЕО – АКСИС од Скопје кое се јавува како соработник на овој фестивал.
Онлајн билетите се достапни сега на веб-страницата на МКЦ.