Штип неделава е центар на музичкиот живот во земјава. Со настапот на реномираниот чешки кларинетист Карел Дохнал и нашата позната пијанистка Наташа Трбојевиќ, во понеделникот на 27 ми мај започна второто издание на Меѓународниот фестивал за современа музика во Штип, во организација на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“.
Фестивалот што ќе трае до 3 јуни, оваа година на програмата има концерти на познати светски имиња од различни држави, а воедно и мастеркласови кои овие врвни уметници ќе ги одржат за студентите од Музичката академија.
-Програмата на фестивалот е фокусирана на современата музика, која скоро и да не е воопшто застапена на концертните подиуми во земјава, на ремек-делата што ги одбележуваат 20- тиот и 21-от век. Со двата фестивали што ги организира Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ се креираат програмски концепти што ги надминуваат нашите граници, просторно, но и временски, со цел публиката да ја проследи и доживее светската концертна музичка сегашност. Врвниот кларинетист од Чешка, Карел Дохнал ни приреди исклучителен концерт, на кој публиката уживаше и директно се вклучи во самиот чин на реализација на концертот. Неговата изведба на свитата од К. Штокхаузен „Арлекин“ беше возбудлива, восхитувачка авантура. Вчера настапи гостинката од Р. Србија, Ангела Братиќ, една од најзначајните флејтисти од младата генерација, а денес фестивалот продолжува со концерт на гостинката од Р. Турција, пијанистката Ширин Акбулут Демирчи. На концертните програми ќе се најдат и премиерни изведби на дела од турскиот композитор Беркант Генчкал, како и македонскиот композитор Александар Лековски. Дополнително и нашите реномирани уметници и професори на УГД настапуваат на овие концерти, Милица Шкариќ – пијано, Наташа Трбојевиќ – пијано придружба, и како гости на концертите, Бранко Павловски – кларинет и Златка Митева – флејта, вели професор Валентина Велковска Трајановска, продекан на Музчиката академија во Штип.
Концертите се одржуваат во Уметничката галерија „Безистен“, секоја вечер со почеток од 19 часот, а како дел од фестивалот се предвидени и мастеркласови за студентите да се запознаат со врвни уметници од современата музика, а воедно и да договорат идни соработки и проекти заедно со нив. Фестивалот ќе заврши на 3 јуни со настап на најдобрите студенти од Музичката академија.
– Фестивалот првично го започнавме за студентите, да имаат што повеќе можности да проследат концерти на врвни уметници на денешницата, да преслушаат дела што „мора да ги знаат“ но нема можност каде да ги проследат „во живо“. Сите гости уметници задолжително реализираат и мастер класи на Музичката академија на УГД, со што студентите директно работат и создаваат соработка што ќе може да ја продолжат и развијат на концертните сцени од каде што ни доаѓаат овие реномирани музичари- вели професор Велковска Трајановска.
Ова е второ издание на Меѓународниот фестивал за современа музика, со што фестивалот полека прераснувате во традиционален фестивал.
-Откако ги поставивме параметрите како треба да изгледа фестивалот и кое ниво е неопходно за студентите да го добијат најдоброто, плановите ни се соработката да ја продлабочиме и со институциите на градот, со што Штип ќе добие нов, но исклучителен репрезентативен музички белег по што ќе биде познат и препознаен во земјата и во светот – вели професор Велковска Трајановска.