Фестивалот на црешите во Јапонија укинат поради масовен туризам

Јапонскиот град Фуџијошида го откажа фестивалот на цветови од цреша поради прекумерен број туристи и нарушување на животот на локалното население.

Преоптовареноста од туристи стана сериозен проблем за јапонскиот град Фуџијошида, каде што властите годинава решија да го откажат традиционалниот фестивал на цветови од цреша. Овој настан, кој со години привлекуваше илјадници посетители, беше една од најпопуларните туристички атракции во регионот, особено поради спектакуларниот поглед кон планината Фуџи.

Во последните години бројот на туристи драстично се зголеми, а локалната инфраструктура повеќе не можеше да го издржи притисокот. Градските власти предупредија дека масовните посети го нарушуваат секојдневниот живот на жителите, создаваат сообраќајни метежи и доведуваат до зголемено количество отпад. Дел од граѓаните се пожалија и на несоодветно однесување на посетителите, што дополнително го влоши односот меѓу локалното население и туристите.

Според градоначалникот, одлуката за укинување на фестивалот е донесена со цел да се заштити достоинството на жителите и животната средина. Иако настанот беше создаден за да ја зголеми атрактивноста на градот и да донесе економски придобивки, неговата огромна популарност, поттикната од социјалните мрежи, доведе до спротивен ефект.

И покрај откажувањето на фестивалот, Фуџијошида очекува голем број посетители и во текот на пролетните месеци. Јапонските власти веќе подолг период воведуваат мерки против прекумерниот туризам, обидувајќи се да воспостават рамнотежа меѓу туристичкиот развој и квалитетот на живот на локалното население.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни