Во Македонија се раѓаат сѐ помалку деца, додека бројот на луѓе кои се соочуваат со проблеми со инфертилитет постојано расте. Со стапка на фертилитет од околу 1,5 деца по жена (значително под нивото од 2,1 потребно за природна обнова на населението) земјата веќе се соочува со сериозни демографски предизвици.
Сепак, прашањето кое ретко се поставува е дали општеството прави доволно за да го заштити фертилитетот пред тој да стане проблем.
Досега, фертилитетот најчесто се третираше дури кога можностите за зачнување веќе се намалени и кога луѓето се соочуваат со неплодност и бараат медицински третман.
Токму затоа, за првпат во земјава започнува процес за подготовка на Национален водич за зачувување на фертилитетот кај жените и мажите. Целта е да се помести фокусот од лекување кон превенција и да им се овозможи на луѓето да имаат деца во периодот кога тие ќе посакаат.
Иницијативата ја започнуваат ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и МАГО – Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, кои формираат мултидисциплинарна експертска група за подготовка на документот.
Во работната група учествуваат десет експерти од различни области, меѓу кои гинеколози-акушери од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, психијатар од Универзитетската клиника за психијатрија, матичен гинеколог, специјалист по семејна медицина, уролог, нутриционист и претставници од Министерството за здравство.
Овој мултидисциплинарен пристап треба да овозможи ризичните фактори за фертилитет да се разгледуваат од повеќе аспекти – медицински, психолошки, животни и социјални. Водичот ќе содржи насоки за здравствените работници, но и информации за пошироката јавност, со цел подобра едукација за факторите што влијаат врз репродуктивното здравје.
Со новиот документ се предвидуваат јасни насоки за рано препознавање на ризиците за фертилитет, поголема улога на примарното здравство, подобра информираност на младите преку програмата за сеопфатно сексуално образование во училиштата, како и поголема достапност на медицински препораки за граѓаните.
Целта е фертилитетот да се третира како вредност што се штити навреме, а не како проблем што се решава предоцна.
Иницијаторите на процесот нагласуваат дека фертилитетот не треба да стане тема дури кога ќе се појават проблеми со неплодноста. Напротив, станува збор за здравствен ресурс кој треба да се заштити уште од младоста – преку превенција, информираност и рано препознавање на ризиците.
Со оваа иницијатива, ХЕРА и МАГО најавуваат нов пристап во јавното здравје во Македонија, кој подразбира системска и долгорочна грижа за репродуктивното здравје – тема што со години е присутна во јавноста, но ретко добива конкретни политики за превенција.