Најмалку 18 лица загинаа откако ферибот со повеќе од 350 патници и членови на екипажот потона во водите крај јужниот брег на Филипините.
Спасувачките екипи спасија 317 лица на бродот „Триша Керстин 3“ , но најмалку 24 лица сè уште се водат како исчезнати, соопшти филипинската крајбрежна стража.
Бродот, кој превезувал и товар и патници, бил на пат од јужниот остров Минданао до островот Јоло кога издал повик за помош во 1:50 часот по локално време во понеделник.
Властите велат дека истражуваат причината за потонувањето. Филипините – архипелашка нација од 7.100 острови – имаат долга историја на поморски несреќи во кои се вклучени меѓуостровски фериботи.
„Врз основа на изјавите на некои преживеани, морето во областа било немирно во тој момент“, изјави портпаролката на филипинската крајбрежна стража, Ноеми Кајабјаб, во телевизиско интервју, според АФП.
Лошото одржување и преоптоварувањето на бродовите претходно се наведуваа како причини за несреќи со фериботи на Филипините. И покрај ова, многу Филипинци сè уште патуваат со ферибот поради нивната ниска цена.
Во мај 2023 година, 28 лица загинаа откако се запали патнички ферибот. Меѓу жртвите беа три деца, вклучувајќи и шестмесечно бебе.
Една година претходно, најмалку седум лица загинаа во пожар на брз ферибот со 134 лица.
