Фентанилот прогласен за оружје за масовно уништување во САД

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна уредба со која фентанилот официјално се прогласува за „оружје за масовно уништување“, со што овој синтетички опиоид се третира не само како смртоносна дрога, туку и како потенцијално хемиско оружје.

Со уредбата, Пентагонoт и Министерството за правда на САД добиваат овластувања да преземат дополнителни мерки во борбата против производството и дистрибуцијата на фентанилот. Од Белата куќа соопштија дека одлуката ги „активира сите расположливи алатки“ за справување со картелите и странските мрежи одговорни за ширењето на оваа супстанца.

Во документот се наведува дека нелегалниот фентанил по својата опасност е поблизок до хемиско оружје отколку до класичен наркотик, со предупредување дека би можел да се искористи и за масовни терористички напади. Засега не е јасно какви ќе бидат непосредните последици од оваа класификација врз американската внатрешна политика, иако заканата или обидот за употреба на оружје за масовно уништување веќе претставува тешко кривично дело.

Од почетокот на септември, американската администрација извршила повеќе од 20 напади врз пловила за кои постои сомнеж дека се поврзани со трговија со дрога во Карипското Море и Тихиот Океан, при што загинале над 80 лица. Воено-безбедносните аналитичари, сепак, укажуваат дека ваквите пловила најчесто транспортираат кокаин, а не фентанил, кој претежно се дистрибуира кон Европа.

Фентанилот е еден од водечките причини за смрт од предозирање во САД, иако бројот на вакви случаи во последните години бележи пад. Најголем дел од нелегалниот фентанил потекнува од Мексико, додека хемикалиите потребни за негово производство често се увезуваат од Кина. Американските власти и понатаму ја посочуваат оваа дрога како една од најсериозните безбедносни закани, најавувајќи построги казни и трговски мерки против вклучените мрежи.

Извор:Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни