Феноменот Фицек и фуснотата што ја викаме култура

Додека редицата за потпис од Себастијан Фицек се протегаше надвор од хали, сè до картинг арената, додека билетите беа стопирани од преголемата гужва, а неговите книги буквално беа распродадени – во позадина се слушаше гласното прашање: како е можно Скопје, метропола што сонува за 2028 како Европска престолнина на културата, да нема еден пристоен саемски простор?

Овој Саем на книга ќе остане запишан во книжевната историја поради рекордната посетеност и поради гостувањето на книжевната ѕвезда Себастијан Фицек.

Додека редицата за потпис од Себастијан Фицек се протегаше надвор од хали, сè до картинг арената, додека билетите беа стопирани од преголемата гужва, а неговите книги буквално беа распродадени – во позадина се слушаше гласното прашање: како е можно Скопје, метропола што сонува за 2028 како Европска престолнина на културата, да нема еден пристоен саемски простор?

Фицек потпишуваше без пауза – шест часа, без здив, со насмевка, со ракување, со фотографии, со гушкања – повеќе од што потпишувал на Саемот во Франкфурт, како што самиот изјави. Тоа зборува за неговата професионалност, но и за гладот на домашната публика за вакви културни настани. А кога ѕвезда од светски калибар ќе дојде во Скопје, ние ја „сместуваме“ на 50 квадрати, во спортска сала, во услови кои не се достојни ни за локална книжарница, а не за автор од светска класа.

Но проблемот не е во Фицек. Тој ни покажа што значи љубов кон читателите. Проблемот е во сè останато.

Кога културата е прикрпена, културата страда

Скопски саем гордо објави 110 промоции за време на овој Саем на книгата. И сето тоа – во еден промо центар со капацитет за 30 луѓе. Без вентилација, без акустика, без минимум просторни услови. Како да организираш олимписки игри во селска фудбалска гардероба.

Ако некој сака да види како изгледа вистински саем, доволно е да отиде до Белград. Белградскиот саем е институција. Таму промоциите се случуваат во опремени сали, со сцена, со озвучување, со логистика, со почит кон издавачите и авторите. Таму културата не е прикрпена – таа е во прв план.

Во Скопје, културата е третирана како фуснота. Нешто што „ќе се најде простор“, што ќе се смести „како да е“, што ќе добие простор „ако остане нешто“. Веќе осум години не можеме да добиеме нов саемски простор. Универзална сала? Заборавете. Културна инфраструктура – нула. Град без соодветна концертна сала, без национален центар за современи уметности, без простор за меѓународни саеми, а сака европска титула во 2028?

Не е до пари, до свест е

Секој што ќе каже дека нема пари за култура – лаже. Се наоѓаат милиони за непродуктивни фасади, фонтани и раскошни делегации. Но за културата, секогаш „нема време, нема место, нема простор“. А културата не бара многу – само третман како што доликува. Со визија. Со план. Со почит.

Се зборува за поддршка на домашните издавачи – а истите тие издавачи буквално немаат каде да промовираат книги. Чекаат во редица за да го искористат малиот простор, додека читателите се туркаат во сали без проток на воздух.

Издавачите вчера се согласија во едно – дека благодарение на Фицек, доживеале зголемена продажба и тие. Фицек ги натера луѓето да дојдат, а тие купуваа и други книги додека чекаа. Замислете каков бран на читање може да се создаде ако ова беше организирано како што треба?

Но, повторно – не е до логистика, не е до архитектура, не е до буџет. До свест е. До тоа колку приоритет ѝ даваме на културата. А кај нас, културата сè уште се третира како нешто социјално, непотребно, декоративно. Нешто за што ќе се појавиш на слика, ќе кажеш неколку зборови, ќе пуштиш некој динар – и толку.

Европа нè гледа – а ние гледаме наопаку

Скопје сака да биде европска престолнина на културата во 2028. Одлична идеја. Но ако сакаме Европа да нè гледа сериозно, прво ние мора да се погледнеме себеси.

Не можеш да градиш културна иднина на темели од стиропор. Не можеш да градиш културна стратегија без културна инфраструктура. И не можеш да бараш респект ако не покажеш респект – кон авторите, кон издавачите, кон публиката, кон културата како целина.

Фицек ни покажа како изгледа вистинска културна страст. А ние, повторно, покажавме како изгледа културна негрижа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни