Феникс проголтан од огромен ѕид прашина: спектакуларна бура „хабуб“ предизвика хаос во Аризона

Силен ветар подигна масивен ѕид од прашина кој во понеделник целосно го прекри поширокото подрачје на градот Феникс, Аризона, оставајќи илјадници жители без електрична енергија, засенувајќи го небото, парализирајќи го сообраќајот и привремено приземјувајќи летови на еден од најпрометните американски аеродроми – Sky Harbour.

Бурниот песочен фронт, познат како „хабуб“, пристигна одненадеж, носејќи со себе силни налети на ветер и правејќи видливоста речиси нулта.

„Не можев да ја видам ниту сопствената рака пред лицето,“ изјави Берна Бојкин Хајцман за Associated Press, која се нашла во невремето додека ги враќала децата од училиште во местото Аризона Сити, околу 95 километри југоисточно од Феникс. Таа била принудена да застане на патот, чувствувајќи како прашината и силниот ветер го тресат автомобилот речиси 15 минути, сè додека бурата не стивнала.

По прашливиот ѕид следеле поројни дождови и силен ветер, кои оштетиле дел од покривот на терминал на аеродромот и предизвикале прекин на повеќе летови. Според локалните власти, повеќе од 15.000 корисници останале без струја, најмногу во округот Марикопа, каде се наоѓа и самиот Феникс.

Ричард Фили, пензиониран универзитетски професор од предградието Гилберт, вели дека бурата била толку силна што урнала хранилки за птици и речиси искршила дрвја, додека прашината навлегувала „низ секоја пукнатина и отвор“ во неговиот дом.

И покрај хаосот, Фили признава дека природниот феномен има и своја убавина:
„Кога ќе ги погледнете фотографиите од хабуб, сфаќате дека тие се неверојатни. На свој начин, дури и величествени.“

Метеоролозите потсетуваат дека вакви бури се чести во пустинските делови на Аризона за време на монсунската сезона, која иако годинава била посува од вообичаено, сè уште знае да донесе вакви спектакуларни, но опасни временски појави.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни