Кога Maria Grazia Chiuri во 2017 година го испрати првиот модел на пистата на Dior облечен во бела маичка со натписот „We Should All Be Feminists“, светот воздивна – феминизмот конечно стигна до модната елита. Медиумите зборуваа за „револуција во ткаенината“, за симболичен чин на женско ослободување од стегите на патријархалниот гламур. Но осум години подоцна, прашањето останува болно актуелно: дали модата навистина ја ослободи жената, или само ја преши приказната во ново, попривлечно руво?
Како што пишува Georgetown Gender Journal во својата анализа „It Takes Exploitation to Look This Good“, модерната модна индустрија ја гради својата луксузна фасада врз системска експлоатација на жените, од кои најголем дел работат во небезбедни услови и за минимални плати – додека истите брендови промовираат еднаквост и женска моќ.
На површината, модната индустрија го слави феминизмот како стил – маици со пораки за еднаквост, ревии инспирирани од женска моќ, кампањи што зборуваат за прифаќање на различноста. Но под сјајот на фотографиите и маркетингот се крие друга слика: илјадници текстилни работнички ширум Азија и Источна Европа, кои шијат „еманципаторски“ дизајни за минимални плати, во несигурни услови, без право на глас и достоинствен одмор. Додека луксузните брендови ја продаваат идејата за „ослободена жена“, истата таа жена во фабриката останува заробена во циклусот на евтина работна сила и тивка невидливост.
Феминизмот во модата, премногу често завршува во зоната на естетизација на борбата – таму каде што слоганот заменува суштина, а политиката станува дизајнерски мотив. Проблемот не е во тоа што модата зборува за феминизам, туку што тоа го прави во сопствен интерес: ја користи женската сила како бренд, ја претвора еманципацијата во производ, а револуцијата во кампања со лимитиран тираж.
Истата амбивалентност се чувствува и зад пистата – во начинот на кој модната индустрија ги третира манекенките, чии лица ја продаваат илузијата за совршенство, но често по цена на сопственото достоинство. Многу од нив работат под притисок на нереални стандарди, исцрпувачки распореди и договори без вистинска заштита, каде младоста и изгледот се третираат како потрошна стока. Приказните за нарушени односи со храната, психолошки притисок и злоупотреба не се ретки – тие се тивката позадина на гламурот што публиката го гледа само на неколку минути светло. Зад блескавите ревии и совршено осветлените фотографии, останува прашањето: дали телото на жената е навистина славено, или само искористено како платно за туѓа идеја за убавина?
Сепак, не може да се негира дека модата има и еманципаторска сила. Таа им овозможи на жените низ историјата – од Коко Шанел до Вивиен Вествуд – да го редефинираат својот изглед и да го предизвикаат кодот на женственоста. Таа создаде простор каде што телото може да биде израз, а не ограничување. Но, токму тука е и парадоксот: кога слободата на избор станува диктирана од трендот, колку таа навистина останува слобода?
Модата денес стои на раскрсница – меѓу феминистичкиот идеал и капиталистичкиот интерес. Таа може да биде алатка за промена, но и огледало на лицемерие. И можеби токму во оваа амбивалентност лежи нејзината вистинска сила: да не’ натера да погледнеме под материјалот, под боите и фасадата на етикетите, и да се запрашаме која е цената на нашата естетика и кој ја плаќа?
извор Georgetown Gender Journal
