На Платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес беше промовирана младинската кампања „Феминизам кој потфрла / Failed Feminism“ – силна реакција на волонтерската група на ХЕРА по повод почетокот на глобалната иницијатива „16 Дена активизам против насилство врз жените“.
Младите активисти порачаа дека општеството не може да се задоволи со симболични пораки и годишни обележувања, кога институциите и натаму не успеваат навремено да ги заштитат жените и девојките. Кампањата, која комбинира видеа, подкасти, герила-интервенции и лични приказни, го отвора прашањето: што навистина значи родова еднаквост ако системот не обезбедува образование, заштита и механизми за спречување на насилството?
„Феминизам кој потфрла“ предупредува на опасната празнина меѓу политичките ветувања и реалниот живот, особено во контекст на бројните случаи на фемицид. Многу од нив се случуваат иако жртвите претходно пријавиле насилство – што, како што нагласуваат младите, претставува системски пропуст, а не поединечна трагедија.
Активистките истакнаа дека образовниот систем и медиумите сè уште репродуцираат стереотипи, дека нема соодветна едукација за препознавање и пријавување насилство, а сервисите за поддршка се недостапни особено за маргинализираните девојки и жени. Недовербата во системот, стравот и хроничното игнорирање на женските искуства ја продлабочуваат кризата.
„Родово-базираното насилство останува невидливо и неказниво затоа што институциите не постапуваат навремено. Потребна е меѓусекторска соработка и јасни мерки веднаш по пријавување“, порачаа младите активистки, повикувајќи на итно усвојување на законски измени што ќе одговорат на порастот на сексуалното насилство, вклучително и дигиталните злоупотреби и дипфејк содржини.
Кампањата ќе продолжи на социјалните мрежи на ХЕРА, каде ќе се објавуваат видеа, кратка документарна продукција и анализи со цел да се разобличат митовите за насилството и да се понудат препораки за институционални реформи. Пораката е јасна: родовата еднаквост не смее да биде симболичен наратив, туку практична реалност – секој ден, а не само за време на „16 Дена активизам“.
