Фемицидот како аларм: зошто Македонија е меѓу најопасните земји за жените во Европа?

Фемицидот не е „семејна трагедија“. Тој е резултат на институционален неуспех и токму така мора да биде третиран

Шест жени беа убиени во Македонија во периодот од јануари до ноември 2025 година, бројка што повторно го отвора прашањето за тоа колку институционалниот систем навистина ги штити жртвите на семејно и родово базирано насилство. Иако секој случај носи сопствена трагедија и специфичен контекст, статистиката укажува дека фемицидите не се изолирани инциденти, туку резултат на подолг процес на институционални пропусти, игнорирани предупредувачки знаци и недоволна заштита.

Македонија на врвот на европската листа

Според податоците на Еуростат за 2023 година, Македонија се наоѓа на третото место во Европа по стапката на фемициди, со шест убиени жени на еден милион жители. Пред неа се само Латвија и Литванија, додека просекот во Европската унија изнесува четири жени на милион жители. Овие бројки се однесуваат на убиства извршени од интимни или поранешни партнери, што ги квалификува како фемициди – најекстремната форма на родово базирано насилство.

Фактот што Македонија континуирано се наоѓа меѓу земјите со највисоки стапки во Европа упатува на сериозен системски проблем, а не на поединечни „семејни трагедии“, како што често се квалификуваат овие случаи во јавниот дискурс.

Илјадници пријави, континуирано насилство

Податоците на Министерството за внатрешни работи за периодот од 2018 до 2023 година ја покажуваат длабочината на проблемот: регистрирани се 6.242 кривични дела за семејно насилство, меѓу кои 33 убиства и 14 обиди за убиство. Во повеќе од половина од фемицидите, претходно постоеле пријави за насилство, закани или прекршени забрани за приближување.

Ова укажува дека убиствата најчесто се трагичен крај на долгогодишен циклус на насилство, во кој институциите имале повеќе можности да интервенираат, но тоа не го направиле навремено или соодветно.

„Фемицидот не се случува преку ноќ“

Според Марта Стевковска од Stella Network токму слабата институционална реакција и несоодветната проценка на ризикот се клучните фактори што водат кон фемицид.

„Слабата реакција на институциите и недоследното постапување по пријавите, како и несоодветната проценка на ризикот за насилство, за жал може да доведат до најтешкиот облик на родово-базираното насилство фемицидот. Сведоци сме дека и покрај тоа што жртвите пријавувале насилство, полицијата и обвинителството во одредени случаи не реагирале соодветно или воопшто не реагирале,“ вели Марта.

Таа посочува дека во дел од случаите нема ниту судски процес, ниту притвор за насилниците, а често нема ни ефективни мерки за заштита на жртвите.

„Нема мерки за да се заштити жртвата или тие не се почитуваат до крај. Тоа создава чувство дека системот не реагира, а насилството може неказнето да ескалира,“ додава таа.

Каде потфрла институционалниот ланец?

Анализите и ревизорските извештаи покажуваат дека проблемите не се лоцирани само во една институција, туку во целиот систем – од полицијата, преку центрите за социјална работа, до судството.

Стевсковска вели дека доволно е една алка да потфрли за целиот случај да биде несоодветно процесиран.

„Бавната имплементација на законите, слабата координација меѓу институциите, несоодветната проценка на ризик и непостапувањето во одредени случаи ја намалуваат довербата кај жртвите да пријавуваат насилство. Доволно е една институција во овој синџир да потфрли за случајот да биде погрешно воден,“ нагласува таа.

Дополнителен проблем, според неа, е што постапувањето често не е унифицирано.

„Понекогаш постапувањето зависи од местото во кое живеете, од вашите идентитетски карактеристики, од познанства, од професионалноста на лицето кое работи во институцијата – па дури и од неговото расположение. Институциите често си ја префрлаат вината една на друга, што оневозможува навремено и соодветно постапување,“ вели Марта.

Истанбулска конвенција – закон на хартија?

Иако Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција во 2018 година, фемицидот сè уште не е посебно дефиниран како кривично дело, а не постои ниту централизирана евиденција за ваквите случаи.

„Извештајот на Државниот завод за ревизија покажа дека сериозно се потфрлува во имплементацијата на обврските од Истанбулската конвенција. Иако формално постои законска рамка, во пракса заштитата често изостанува,“ предупредува Марта.

Страв, сиромаштија и затворен круг на насилство

Покрај институционалните слабости, значајна улога имаат и социјалните фактори – економската зависност, стравот од осуда и недовербата во институциите.

„Поради ниската доверба во институциите, жртвите често не сакаат да пријават насилство. Голем фактор е економската немоќ, но и срамот, стравот и стигмата од општеството и од блиските,“ вели Стевсковска.

Таа посочува дека многу жртви не се финансиски независни, немаат каде да одат и не можат да го напуштат домот.

„Најчесто имаат и деца, па остануваат во насилниот дом, каде што кругот на насилство се повторува. Во случаи на екстремно насилство и несоодветна проценка на ризикот од институциите, тоа може да заврши и со фемицид,“ додава таа.

Фемицидот како институционален неуспех

Со оглед на трендовите и бројките, експертите предупредуваат дека без суштински системски промени – подобра превенција, навремена проценка на ризикот, ефективни заштитни мерки и вистинска институционална одговорност – Македонија ризикува и понатаму да остане меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа.

Фемицидот не е „семејна трагедија“. Тој е резултат на институционален неуспех и токму така мора да биде третиран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни