Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство е коалиција од граѓански организации која веќе петнаесет години работи на унапредување на системската заштита на жените кои преживуваат некаква форма на насилство.
Во интервју за ТРН, зборувавме со Елена Димушевска – извршната директорка и една од клучните фигури во градењето на системската заштита. Таа зборува за институционалните пропусти, реалните ризици по животот на жените и зошто законите без буџети и одговорност не спасуваат животи. Оваа година Мрежата го одбележува својот 15-годишен јубилеј, што претставува значаен период на континуирана работа, обезбедување директна помош за жртвите и застапување за промена на политики.
Како платформа, Мрежата обезбедува поврзување на специјализираните сервиси, институциите и локалните актери, со цел да се обезбеди навремена и професионална поддршка за жените кои се соочуваат со насилство. Воедно, Мрежата има клучна улога во следење на институционалните практики, предлагање политики и унапредување на законските решенија, со јасна цел: создавање систем во кој ниту
една жена не останува без заштита во моментот кога ѝ е најпотребна.
ТРН: Колку механизмите за заштита навистина функционираат кога жената ќе пријави насилство — и колку жени остануваат во опасност затоа што институциите постапиле формално, а не според реалниот ризик?

Елена: Механизмите за заштита постојат. Во пракса, често гледаме дека процедурите се спроведуваат технички, без доволна процена на реалниот ризик по животот и безбедноста на жената. Тоа создава сериозни празнини во заштитата, особено во првите 24 до 72 часа по пријавата, кога ризикот од ескалација на насилството е највисок. Жените остануваат во опасност кога мерките се преземаат со задоцнување, кога процената на ризик е површна или кога институциите не комуницираат меѓусебно.
Иако имаме законски дефинирани обврски, нивната примена е нерамномерна и зависи од капацитетите, обуката и чувствителноста на службениците. Важно е да се нагласи дека зад институциите стојат луѓе. Нивните лични ставови, искуства и уверувања поврзани со насилството врз жените директно влијаат врз тоа како ја проценуваат опасноста и кои фактори ги сметаат за значајни. Дополнително, тие работат под голем емоционален товар, секојдневно изложени на тешки животни приказни, а притоа речиси и да немаат професионална психолошка поддршка. Во такви услови, многумина развиваат сопствени одбранбени механизми кои, иако човечки разбирливи, не секогаш одат во прилог на емпатично и навремено постапување.
ТРН:Колку е опасна јавната реторика што го релативизира насилството со фрази како
„семејна расправија“, „љубомора“ или „емоционален конфликт“?
Елена: Исклучително опасна. Кога физичкото или психичкото насилство се сведува на „семејна расправија“, „љубомора“ или „емоционален конфликт“, тоа ја минимизира сериозноста на делото и создава впечаток дека станува збор за приватен проблем, а не за кривично дело. Таквите фрази ја нормализираат насилната динамика, ја префрлаат одговорноста врз жената и испраќаат порака дека однесувањето на сторителот е разбирливо или оправдливо. Уште поопасно е што со користење на термини како „љубомора“ се создава илузија дека насилството е израз на љубов, а не на контрола и моќ.
Ова е особено штетно за младите, кои сè уште ги формираат своите ставови за врските. Кога јавниот дискурс ги меша љубовта и насилството, младите учат дека токсичноста е нормална, а предупредувачките знаци – романтични. Јавниот дискурс поставува стандарди. Кога насилството се именува јасно, општеството и институциите реагираат поодговорно.
ТРН: Кој сè уште има корист од тоа насилството врз жени да се третира како приватен, а не како сериозен општествен и безбедносен проблем?
Елена: Не би рекла дека денес насилството врз жени се третира како приватен проблем. Носењето на посебен закон кој ги дефинира различните облици на родово базирано насилство, како и измените во Кривичниот закон, јасно покажуваат дека државата го препознава како јавен и општествен проблем. Тоа е важен исчекор. Но токму затоа се поставува прашањето: зошто одбиваме да ја завршиме работата до крај? Кога ќе донесеме еден толку значаен закон, зошто не предвидуваме и финансиски средства за неговата целосна имплементација?
Без јасно буџетирање, без доволно обучени кадри, без специјализирани услуги и без континуирана поддршка, законот останува добра намера на хартија, а не реална заштита за жените. Одговорот е зошто живееме во систем што избегнува одговорност — затоа што кога нема обезбедени ресурси, нема ниту реална обврска да се постапува суштински. Во таков амбиент, институциите формално исполнуваат законски обврски, но суштинската заштита изостанува, а жените повторно се соочуваат со празни институционални ветувања наместо со навремена и ефективна поддршка. Насилството врз жените е општествен, безбедносен и здравствен проблем. Донесувањето закон е почетокот. Завршувањето на работата значи да обезбедиме услови тој закон навистина да функционира.
ТРН: Како Мрежата соработува со други организации, институции или јавни служби за зајакнување на системската реакција на насилството? Ако утре се укине работата на невладините организации како вашата, дали државата е способна самостојно да ги заштити жртвите?

Елена: Мрежата соработува со институциите и другите организации на повеќе нивоа: од координација на случаи, преку обуки и поддршка на професионалци, до заедничко креирање политики и мониторинг на нивната примена. Нашата улога е да го поврземе системот таму каде што е најранлив — во комуникацијата, во проценката на ризик, во навременото реагирање и во обезбедувањето услуги што државата сè уште не ги обезбедува во доволен обем.
Но, ако утре се укине работата на невладините организации како нашата, државата во не би била способна самостојно да ги заштити жртвите. Системот сè уште нема доволно капацитети, специјализирани услуги, обучени кадри и финансиски ресурси за да ја преземе целата работа. Невладините организации со години ги пополнуваат празнините: обезбедуваат психосоцијална поддршка, правна помош, засолништа,
едукација, превенција и континуиран мониторинг на институциите.
Тоа што треба да го прашаме е: кога државата ќе биде подготвена да ги преземе овие обврски целосно и одржливо? Затоа што долгорочно, системот мора да функционира без да зависи од проекти, ентузијазам или донации.
ТРН: Дали може да зборуваме за „нулта толеранција“ кон насилството, кога сторителите често се казнуваат со условни казни или минимални санкции?
Елена: Тешко. Нулта толеранција не е изјава — тоа е пракса. Кога сторителите добиваат условни или минимални казни, пораката што ја испраќаме е дека насилството не е сериозен прекршок. Жените многу јасно ја чувствуваат таа порака, а ја чувствуваат и сторителите — како охрабрување, а не како предупредување. За да зборуваме за вистинска нулта толеранција, мора да имаме доследни санкции, брзи постапки и систем што ја штити жртвата, а не сторителот. Тоа значи судови што реагираат навреме, обвинителства што постапуваат проактивно и институции што ја ставаат безбедноста на жената во центарот на секоја одлука. Сè друго е декларација, а не политика.
ТРН: Колку чини животот на една жена во Македонија, ако судиме според буџетите што се издвојуваат за превенција и заштита?
Елена: Ако ги погледнеме буџетите, впечатокот е дека животот на жените не е приоритет. Инвестициите во превенција, поддршка и специјализирани сервиси се минимални во споредба со реалните потреби на терен. А цената на неинвестирањето е огромна: човечки животи, трауми што траат со години, деца кои растат во средини на насилство и генерации што го повторуваат истиот модел. Кога државата не вложува во превенција, во услуги и во кадар, таа всушност плаќа многу повеќе — преку здравствени трошоци, социјални последици, изгубени животи и изгубен потенцијал. Превенцијата е најевтината, најефикасната и најхуманата опција. Но таа бара политичка волја, јасни приоритети и подготвеност да се инвестира таму каде што навистина се спасуваат животи.
ТРН: Дали сме општество што се шокира од фемицид само во моментот кога ќе се случи, но потоа брзо заборава и продолжува како ништо да не се случило — и што е апсолутниот минимум што државата мора да го направи веднаш ако навистина сака да спасува животи, а не само да реагира со изјави и декларативни осуди?
Елена: Да, токму тоа се случува – се шокираме во моментот, но многу брзо се враќаме во нормалноста како ништо да не се случило. Тоа е дел од проблемот: реагираме на трагедијата, но не инвестираме во спречување на следната. А апсолутниот минимум што државата мора да го направи веднаш е да обезбеди финансиски средства — и за превенција, и за заштита. Без стабилно и доволно буџетирање, сите мерки остануваат декларативни.
Превенцијата бара континуирани програми, едукација, работа со млади, кампањи и услуги што навреме ги препознаваат ризиците. Заштитата бара 24/7 достапни сервиси, специјализирани тимови, засолништа, психосоцијална поддршка и правна помош. Сето тоа чини и мора да биде планирано во буџетот, не оставено на проекти и донации. Покрај тоа, неопходно е зголемување на ресурсите во клучните институции: полицијата и центрите за социјална работа. Тие се првата линија на одговор. Без доволен број обучени професионалци, без време и ресурси да реагираат навреме, секоја политика останува само на хартија.
Ако сакаме да спасуваме животи, мора да инвестираме таму каде што се носат одлуките што прават разлика меѓу живот и смрт. Фемицидот не е неизбежност. Тој е последица на систем што не вложува доволно. А вложувањето — финансиско, кадровско и институционално е најминималниот чекор што државата мора да го направи веднаш.