Националната мрежа предупредува: фемицидот во Македонија останува занемарен

Националната мрежа против насилство врз жените предупредува на сериозни институционални пропусти, недостиг на финансиска поддршка и одложени постапки кои чинат животи на жените.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство денес одржа прес-конференција по повод 16 дена активнизам против родово базирано насилство – период во кој организацијата, и покрај континуираната работа, повторно предупредува дека фемицидот во Македонија останува невидлив дел од системската статистика.

Иако дефиницијата за фемицид е усвоена уште во 2017 година, а првата анализа од страна на Мрежата е направена во 2018, институционалната примена сè уште е бавна и нецелосна.

Во Кривичниот законик, делумно е препознаен преку член 123, кој го санкционира убиството при вршење на семејно насилство, но според Мрежата, фемицидот мора да се третира како посебно кривично дело со јасна дефиниција и казнена политика што ќе ги препознае родовите мотиви.

Податоците што државата сè уште ги нема

Најавена е новата веб-страница со национална дата-база на извршени убиства или обиди за убиства на жени од 2014 до 2024 година, која ќе биде објавена во 2026 година. Досега се евидентирани 115 случаи, но недостасуваат целосни податоци од МВР, обвинителството и судовите, неопходни за анализа на секој случај: дали институциите постапиле навремено, какви се изречените казни и дали делата биле класифицирани како фемицид.

Мрежата предупредува дека при судските постапки се применуваат различни критериуми во зависност дали сторителот е актуелен или поранешен партнер, или пак член на семејството без родов мотив. Ова води кон нееднаква правна заштита и недоследност во казнената политика.

Кампањата „Додека смртта не нè раздели“

Во исто време беше најавено и лансирањето на националната кампања „Додека смртта не нè раздели“, започната на 17 ноември 2025, која ќе трае во текот на целата 2026 година.

Целта е да се подигне јавната свест за фемицидот како општествен и институционален проблем, не само како индивидуална трагедија.

Кога државата замолчува, жените остануваат без засолниште

Мрежата алармира дека женските советувалишта и психотерапијата како дел од системот на социјална заштита во моментов немаат никаква поддршка од локалната самоуправа. Во 2025 година не е објавен ниту еден јавен повик за нивно финансирање, а во 2024 средствата биле скратени за 80%.

Откако во 2015 година беше воведен Законот за заштита од семејно насилство, меѓународните донатори престанаа да ја сметаат Македонија за потенцијален примач на средства, под претпоставка дека државата, со донесен закон, има и финансиски капацитет да ги поддржи овие услуги. Реалноста, сепак, покажува спротивно.

Систем што ја заборава жената

Додека се чекаат пресуди, многу жени се откажуваат од постапките поради економска нестабилност и неможност за егзистенција. Во најкритичните случаи, кога жената решава да избега од насилството, наследувањето на имотот само на машките деца ја остава без каде да се врати.

Со воспоставувањето на Куќата на домување и Интервентниот женски фонд, Мрежата обезбедува привремена финансиска и психолошка помош од 3 до 6 месеци, каде жените имаат слобода на движење и комуникација, за разлика од традиционалните шелтери во кои се изолирани поради висок ризик од потенцијално убиство.

Но, фондот функционира исклучиво од донации и не е поддржан од државата. Од институционална страна, овие жени добиваат еднократна помош од само 15.000 денари, што е недоволно за било каква стабилност.

Психолошката поддршка – најслабата карика

Во процесот на реинтеграција и опоравување, Мрежата обезбедува психолошка и терапевтска помош, но табуата остануваат силни. „Психологот сè уште се доживува како последна, а не прва опција,“ велат од организацијата, додавајќи дека правната помош е препознаена како сојузник, а психолошката е маргинализирана.

И покрај тоа, постојат позитивни примери – жени кои со помош на советувалиштата се ослободиле од насилството, покренале кривични постапки и подоцна започнале сопствени бизниси преку кои денес, симболично, помагаат на други жени.

Фемицидот не е статистика, туку предупредување

Петнаесет години по основањето, Мрежата не слави – туку потсетува. Потсетува дека зад секоја бројка стои жена, зад секоја постапка стои живот, и дека фемицидот не е само злосторство, туку неуспех на системот.

Како што нагласуваат од организацијата, реинтеграцијата е најдобрата форма на превенција, а државата мора конечно да го препознае тоа не како трошок, туку како инвестиција во безбедноста и достоинството на жените.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни