Студиото Universal Pictures официјално потврди дека завршниот филм од франшизата Брзи и жестоки ќе го носи насловот „Fast Forever“, а премиерата е закажана за 17 март 2028 година.
Филмот доаѓа како директно продолжение на „Fast X“ од 2023 година и претставува финално поглавје во приказната што трае повеќе од 20 години и има огромно влијание врз глобалната поп-култура.
Актерот Вин Дизел, кој е заштитно лице на серијалот, ја објави веста на социјалните мрежи со емотивна порака и фотографија со покојниот Пол Вокер, кој го играше ликот Брајан О’Конер.
„Никој не рекол дека патот ќе биде лесен… но тоа е нашиот пат. Наследство што трае – засекогаш“, напиша Дизел, потврдувајќи го датумот на премиера.
Пол Вокер загина трагично во ноември 2013 година, додека „Брзи и жестоки 7“ сè уште беше во продукција, но неговиот лик и понатаму остана емоционален столб на франшизата.
Иако продолжението првично беше планирано за 2025 година, проектот беше одложен. Засега нема официјални информации за комплетната актерска екипа или за заплетот на филмот.
Сепак, уште во февруари 2024 година, Вин Дизел најави дека единаесеттиот филм ќе биде „големо финале“ на главната приказна.
Серијалот започна со „The Fast and the Furious“ во 2001 година и досега има заработено повеќе од седум милијарди долари ширум светот. Од улични трки до глобални акциони спектакли, „Брзи и жестоки“ прерасна во една од најдолготрајните и најпрофитабилни филмски франшизи во историјата.
